Добивај вести на Viber
Компанијата „Инвест груп“ од Струмица го купи земјиштето кај Спортско рекреативниот центар Кале на кое е предвидена градба на луксузен хотел на 6 ката во барок-стил.
На јавното наддавање, „Инвест груп“ понуди околу 45 евра за метар квадратен, односно земјиштето од 3.742 м2 ќе го купи за околу 167.020 евра.
Освен струмичката фирма, на лицитацијата во Министерството за транспорт и врски учествуваа уште шестмина наддавачи: „Александрија А“ од Скопје, Васил Георгиев од Струмица, „Стемакд Дреам Теам ДОО“ од Скопје, Пасифаи Бежановиќ од Скопје, „Жикол“ од Струмица и „ЦДМ-Комин“ од Скопје.
Според ова, во трка за атрактивната локација биле фирми и граѓани од Скопје и Струмица. Почетна цена на лицитацијата беше 61 денар од метар квадратен. Најповолниот понудувач е должен во рок од 15 дена од денот на завршување на постапката да ги уплати средствата согласно пристигнатата крајна цена од електронското јавно наддавање.
„Министерстовото ќе склучи договор со „Инвест груп“ со кој инвеститорот се обврзува во рок од 9 месеци од извршената солемнизација на договорот да обезбеди одобрение за градба. Рокот за изградба на хотелот е 10 години од правосилност на одобрението за градење. Најповолниот понудувач е должен фасадното обликување на објектот да го изработи во еден од стиловите на барок,класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам. Пред издавањето на одобрение за градење, потребно е Комисијата формирана од страна на Министерството да ја одобри фазата архитектура на основниот проект“, стои во обврските за купувачот.
Освен оваа локација, Министерството за транспорт и врски нуди уште две во непосредна близина. На едната исто така ќе се гради хотел, а на другата деловен објект. И двете згради треба да бидат во сличен стил на фасадите.