СУДСКИ СОВЕТ ЌЕ ПРАВИ УВИД ВО ПРЕДМЕТОТ ЗА ПРЕСУДАТА ЗА 22 ГОДИШНАТА ТЕОДОРА: Ќе вродат ли со плод реакциите?

Објавено во: Македонија 09 Април, 2025 09:26
Судскиот совет ќе изврши увид во предметот за пресудата за 22-годишната Теодора Ристевска, која беше прегазена во сообраќајна несреќа во Тетово, откако најпрво семејството, а потоа и јавноста остро реагираше на двегодишната казна затвор за возачот во повторената постапка пред Основниот суд во Тетово.
Ова доаѓа откако, премиерот Христијан Мицкоски, вчера го повика Судскиот совет да ја преразгледа работата на судијата. Реакција од Судскиот совет побара и министерот за правда Игор Филков, кој ја коментираше пресудата, истакнувајќи дека довербата на граѓаните во судството е многу ниска.
Семејството на Теодора реагираше на висината на казната и долгото траење на целата постапка. Пресудата предизвика силни реакции и на социјалните мрежи, за целиот процес и премногу „благата“ казна.
По сообраќајната несреќа во август 2022 година, сторителот кој ја прегази 22-годишната Теодора првично беше осуден на три години и шест месеци затвор. Апелациониот суд ја намали казната на две години, но Врховниот суд ги укина пресудите и го врати случајот на повторно судење. Судот во Тетово вчера повторно му досуди две години затвор на сторителот.
Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски во изјава за МИА вчера рече дека побарале увид во предметот за пресудата за Ристевска, посочувајќи дека доколку има пропусти ќе реагираат.
- Веднаш побаравме да видиме што се случува, предметот е побаран и треба да ни биде испратен. Ќе извршиме увид и доколку има пропусти ќе реагираме, доколку е сè во ред, ќе соопштиме - рече тој.
Премиерот Христијан Мицкоски, вчера изрази згрозеност од ваквата пресуда и порача дека тоа „не е правда, туку целосно потфрлање на системот“ и го повика Судскиот совет да ја преразгледа работата на судијата кој донесе одлука да го казни возачот кој ја прегази младата Теодора Ристевска од Тетово на две години затвор.
- Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда, и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда - изјави премиерот на конститутивна седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.
Министерот за правда Игор Филков, коментирајќи ја пресудата на судијата Ељведин Ферати, рече дека „уште еднаш се покажа дека довербата на граѓаните во судството од два отсто не е џабе“.
– Јас ниту смеам, ниту можам да ја коментирам пресудата, но она што секако сакам да го искоментирам е реакцијата на јавноста, а реакцијата на јавноста е оној глас на народот којшто е многу битен, којшто треба да допре до секој од нас, вклучително и до Судскиот совет кој е повикан да реагира. Тие два посто доверба во судството уште еднаш се покажа дека не се џабе- рече Филков, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со неговиот црногорски колега Бојан Божовиќ.
Судијата Ељведин Ферати, дополнително беше критикуван во јавноста и поради сомнежи за неговиот интегритет дека си ги поправал оценките на Тетовскиот универзитет со пречкртување. Државниот просветен инспекторат минатата година утврдил неправилности во неговите оценки, што доведе до предистрага од Скопското јавно обвинителство.
Можеби ќе ве интересира
Обвинителството отвори случај за токсична пепел во РЕК Битола
„ВМРОВСКАТА ВЛАДА УШТЕ ИСКРЕНО НЕ СЕ НИ ЗАБЛАГОДАРИ ЗА ПОМОШТА ОД БУГАРИЈА“: Георгиевски кажа што му остави впечаток на Велики петок

„ЗАМИСЛЕТЕ ДЕТЕТО ВИ ДОБИВА ТЕМПЕРАТУРА ВО СРЕД НОЌ, СЕ НАОЃАТЕ ВО ДОЈРАН- ЕДИНСТВЕНА ДЕЖУРНА АПТЕКА ВО СКОПЈЕ“: Мајка немала каде да купи сируп за детето

ГРУЕВСКИ ОТКРИВА: Папата Франциск ја спасил од рушење споменичната композиција на Мајка Тереза на плоштадот Македонија

„НЕ ПОСТОЈАТ ДОБРИ ПАРТИИ, ПОСТОЈАТ ДОБРИ ЛУЃЕ“: Повик да се изгради Кочани од фејсбук групата „Кочани“

КОСТАДИНОВ ВЕЛИГДЕНСКИ ЈА ВОЗЕШЕ МАЈКА СИ НА МОТОР НИЗ МАКЕДОНИЈА: Еве што објави

ВИКЕНДАШИТЕ СЕ ВРАЌААТ ДОМА: Гужва на Богородица и Табановце

СЕ ОГЛАСИ МИЦКОСКИ: „Беше глас на совеста во време на глобални предизвици и неизмерен пример за човечност“

ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ СЕ ПРОСТИ ОД ПАПАТА: „Еден од поинтересните и невообичани понтефикати беше 266-от понтификат на Хорхе Мариа Бергољо“
