Сугарески: ВМРО-ДПМНЕ неможе вечно да бега од одговорност
Сугарески смета дека ВМРО-ДПМНЕ декларативно го поддржуваат Специјалното обвинителство а истовремено прават се за тоа да не работи со сиот капацитет.
Објавено во: Македонија 05 Октомври, 2016
Координаторот на пратеничка група на СДСМ, Горан Сугарески, денеска ја обвини владејачката партија дека цели десет години бегаат од соочување со вистината и одговорноста за сопствените постапки.
- Во неколку наврати, преку различни трикови успеаја да ја минираат Надзорната комисија за поплавите. Не сакаат на јавноста да им ја објаснат нивната неодговорност и неспособност, воопшто не ни помислуваат Надзорната да продолжи со работа, смета Сугарески.
Сугарески смета дека ВМРО-ДПМНЕ декларативно го поддржуваат Специјалното обвинителство а истовремено прават се за тоа да не работи со сиот капацитет. Исплашени од одговорноста, вели тој, „тие ги отфрлија нашите предлог измени на Законот за СЈО и Законот за заштита на сведоците“.
- Свесни сме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да бега од соочувањето со вистината и свесни дека стравот од понесувањето одговорност, како наближуваат изборите, станува се поголем. Но тие мора да бидат свесни дека не можат вечно да бегаат. Се наближува денот кога секој ќе мора да понесе одговорност за сопствените постапки, вели уште Горан Сугарески.