Добивај вести на Viber
Министерството за транспорт и врски и Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) заеднички објавија јавен повик со кој ги повикуваат сите таксисти да се пријават за бесплатна обука по англиски јазик.
Обуката им е потребна затоа што од 1 јануари 2017 година за сите такси возачи вработени во лиценцирани такси компании во Македонија ќе биде задолжително основно познавање на англиски јазик.
„Целта е да се добие поквалитетен такси превоз особено за туристите кои ја посетуваат Република Македонија“, вели портпаролот на Министерството за транспорт и врски Драган Симоновски.
Обуката ќе трае 80 часа или 40 блок часови, а трошоците за неа ќе се покриваат од буџетите на општините.
Право на учество на јавниот повик имаат сите таксисти вработени во правни лица лиценцирани за такси дејност од општините во Република Македонија, а да не се постари од 62 години. Пријавувањето е електронски на интернет страниците на ЗЕЛС или на ресорното министерство и треба да се заврши 45 дена по објавата на огласот.