Добивај вести на Viber
Скопските таксисти се сретнаа со скопскиот градоначалник Коце Трајановски за да му укажат на можните проблеми од новите законски измени. Претставниците на неколку здруженија на таксисти на градоначалникот му се пожалија на високите казни, побараа повеќе стојалишта и допрецизирање на одредени одредби. Трајановски пак посочи, измените на законот се потребни.
„Измените на законот ги побаравме од причина што голем број таксисти стојат и чекаат патници на улици, на булевари, пред трговски центри, на автобуски станици. Целта на овој закон е тие да не можат да стојат и да чекаат патници на улиците, туку може да земаат и да оставаат патници. Значи, се зборува за реално време за кое тие можат да застанат на тие булевари“, рече Коце Трајановски, градоначалник на Скопје.
Во однос на англискиот јазик , генерално таксистите се согласуваат да го учат, но побараа да бидат поштедени повозрасните таксисти. Од Град Скопје најавувија и воведување на сертификати за такси возачите, а парите за курсевите по англиски ќе ги обезбеди министерството за транспорт и врски. Курсот ќе ќе трае до 2017 година кога сите таксисти треба да научат основен англиски јазик.
Со новите измени глоба во износ од 500 евра ќе му се изрече за прекршок на физичко или правно лице, ако врши јавен превоз, превоз за сопствени потреби слободен или посебен превоз на патници и такси превоз без лиценца и извод од лиценца. Истата казна ќе се изрече и ако врши такси превоз спротивно на условите пропишани од страна на советот на општината, односно на Советот на градот Скопје, но и доколку на инспекторот за патен сообраќај не му овозможи вршење на инспекциски надзор не му дава потребни известувања и не му ја стави на увид потребната документација.
Казни пак од 200 евра се предвидени за таксистите кои ќе се затекнат без исправен, пломбиран и баждарен таксиметар и фискален апарат. Истатата казна ќе се изрече и ако таксистот не го вклучи таксиметарот и цената на превозот не ја наплатува врз основа на износот утврден во таксиметарот. Казна од 200 евра може да заработи и таксистот кој на покривот на возилото со кое се врши автотакси превозот нема да има истакнат назив “ТАХ1“, но и доколку на видно место во возилото нема истакнато ценовник со утврдени тарифи и извод од лиценца.