Тетовчанец си имал домашна работилница за фалсификување дипломи
Објавено во: Мои пари 06 Ноември, 2013
Работилница за изработување и дистрибуција на фалсификувани дипломи и уверенија од Државниот унивезитет во Тетово, наменети за лица од Италија откри тетовската полиција.
М.О. од тетовско Селце се сомничи дека сторил кривично дело „фалсификување исправа“, поради што е поднесена и кривична пријава од полицијата. Осомничениот е приведен на граничниот премин Јажинце, а вчера со соодветна пријава бил изведен пред истражен судија на Основниот суд Тетово, кој му определил мерка притвор во траење од 30 дена.
Според МВР пријавениот фалсификувал повеќе уверенија и дипломи од Факултетот за медицински науки на име на лица-странски државјани и по нивно преведување кај овластен преведувач, ги заверувал на нотар и им ги дистрибуирал на лицата од Италија. На тој начин, осомничениот успеал да завери шест уверенија, додека 16 други не биле заверени бидејќи нотарот се посомневал во нивната веродостојност.
Во претресот извршен со соодветна судска наредба во куќата на М.О. во тетовско Селце, пронајдени и одземени биле една диплома за завршени медицински науки на Државниот тетовски факултет на име на италијански државјанин, две уверенија за завршен Медицински факултет за исто толку лица од Италија, две уверенија за завршен стручен испит пред Испитна комисија за стоматологија во Скопје, четири фотографии на лица од Италија, седум други документи во фотокопии на италијански државјани наменети за Хрватска и две тетратки со списоци со имиња на потенцијални, идни корисници на неговите фалсификаторски услуги. Се што е пронајдено во претресот е фотодокументирано, одземено и ќе се вештачи, а за лицата ќе бидат известени и италијанските власти.