14 Декември, 2025
0.0446

ТОПЛОТНИТЕ БРАНОВИ ЗЕМААТ СÈ ПОГОЛЕМ БРОЈ ЖРТВИ: Акциски план 2025–2030 за борба со пеколот

Објавено во: Македонија 29 Мај, 2025 07:38

Добивај вести на Viber

Во услови кога температурите во Европа достигнуваат рекордни вредности, Македонија веќе го подготви Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението (2025–2030). Планот се базира на анализи и научни податоци кои укажуваат дека топлината претставува една од најсериозните здравствени закани поврзани со климатските промени.

Според податоците на Copernicus Climate Change Service на ЕУ, 2023 била втората најтопла година во Европа, со рекорден број денови на екстремен топлотен стрес. Само во летото 2023 година, се проценува дека во 35 европски земји починале околу 48.000 лица поради изложеност на топлина.

И Македонија ги чувствува последиците. Студијата покажува дека од 2018 до 2022 година смртноста од топлина кај лицата над 65 години е зголемена за 113 отсто во споредба со периодот 2000–2004. Доенчињата и старите лица се најмногу погодени, а урбаните зони, каде што ефектот на „жешки острови“ е изразен, се особено ризични.

Бројот, времетраењето и интензитетот на топлотните бранови во иднина ќе се зголемуваат, со што ќе се зголемува и појавата на негативните здравствени ефекти врз луѓето, особено поради влијанијата на променливата влажност на воздухот и аерозагадувањето. Дополнително, почестата појава на тропски ноќи, со недостаток на доволно долги периоди за опоравување, особено може да влијае врз здравјето на луѓето од урбаните средини и лица од социјално ранливи категории (на пр., бездомници, социјално изолирани лица, мигранти и др., се наведува во петгодишниот Акциски план.

Истражување за време на топлотниот бран во 2022 година покажало дека во Скопје температурата на улица без дрвја е за речиси 8 степени повисока во споредба со Градскиот парк. Ова ги истакнува зелените површини како клучни во одржување на урбано здравје.

Покрај физичките ефекти: срцеви болести, мозочни удари, дехидратација, планот предупредува и на менталните, социјалните и економските последици: влошено психичко здравје, нарушена работна способност, ограничен пристап до вода и храна.

Интегриран пристап, со вклученост на здравствениот, образовниот, социјалниот и локалниот сектор, е клучот за навремена и ефективна заштита на населението.

Болницитe на удар од жештините: Подготвен ли е здравствениот систем за топлотни бранови?

Според Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението 2025–2030, здравствениот систем мора да се прилагоди на новата реалност, каде екстремната топлина може да го наруши и самиот процес на лекување.

Во услови на продолжени жештини, болниците и клиниките може да се соочат со прегревање на инфраструктурата, што претставува директен ризик за пациентите и здравствениот персонал. Високите температури ја намалуваат когнитивната способност и влијаат на прецизноста при извршување на медицински задачи, особено во чувствителни одделенија.

Здравствените работници, особено оние кои работат во топли и затворени простории, како перални, болнички кујни или транспорт на пациенти, се изложени на зголемен термички стрес и здравствени ризици.

Акцискиот план препознава дека отпорноста на здравствениот систем кон климатски промени мора да стане приоритет. Тоа значи:

-доволен број подготвен и обучен персонал,

-енергетска ефикасност и климатизација на установите,

-безбедна вода, хигиена и отпад,

-и обезбедување неопходни медицински производи и опрема.

Планот предлага здравствените установи да изработат индивидуални планови за заштита од топлотни бранови, според фазите на т.н. АЛЕРТ систем.

Мерките се поделени на:

долгорочни – што се спроведуваат преку цела година,

среднорочни – во текот на летото,

краткорочни – кога се најави или веќе се случува топлотен бран.

Овие мерки се препорачува да се применат не само во болниците, туку и во домовите за стари лица, социјалните центри, детските домови, градинките и училиштата.

Инаку, како што е наведено во Акцискиот план, досегашните податоци од повеќе европски земји, прикажани во книгата на докази за превенција на ефектите од топлината на СЗО за Европскиот регион, покажуваат дека смртните случаи (морталитетот) поврзани со топлина и последиците од болестите поврзани со топлина (морбидитетот) би можеле значително да се намалат преку соодветно планирање и имплементирање мерки за заштита од ефектите на топлотните бранови во рамките на националните акциони планови (СЗО, 2021).

Примената на интегриран пристап, преку соработка на национално и на локално ниво, со претставници од клучните сектори: здравство, животна средина, образование и наука, транспорт, труд, социјална политика, демографија и млади, како и невладиниот сектор и медиумите, но и вклучувањето на особено ранливите групи во планирањето и спроведувањето на мерките, се клучни фактори за успешна заштита од топлина.

Спроведувањето на овие активности потребно е да вклучува: зајакнување и спроведување систем за известување и најава на топлотните бранови (систем за рано предупредување од топлотни бранови), зајакнување на подготвеноста и одговорот на здравствените служби, навремено информирање на населението за можните последици од топлотните бранови и како да се справат со нив, како и адекватно градежно планирање и домување. Овој документ ги содржи активностите во рамките на Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението во Република Северна Македонија 2025 – 2030, со цел навремено справување и одговор на влијанијата на топлотните бранови.

Анита Буховски

фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Можеби ќе ве интересира

Крај на опасната крстосница во Аеродром: Се поставува семафор на улицата Васко Карангелески

Крај на опасната крстосница во Аеродром: Се поставува семафор на улицата Васко Карангелески

ТОШКОВСКИ ПОТВРДИ ДЕКА Е УАПСЕН ПОРАНЕШНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА: Повеќе детали најавува наскоро

ТОШКОВСКИ ПОТВРДИ ДЕКА Е УАПСЕН ПОРАНЕШНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА: Повеќе детали најавува наскоро

ВИДЕО: ДЕЦА КРВНИЧКИ СЕ ТЕПАА ВО САРАЈ: ОЈО побара судска постапка спрема 5 деца

ВИДЕО: ДЕЦА КРВНИЧКИ СЕ ТЕПАА ВО САРАЈ: ОЈО побара судска постапка спрема 5 деца

Макстил: Информациите за пожар не се однесуваат на нашата компанија

Макстил: Информациите за пожар не се однесуваат на нашата компанија

Започна демонтажа на стариот радар на Аеродромот Скопје, авионскиот сообраќај се одвива непречено

Започна демонтажа на стариот радар на Аеродромот Скопје, авионскиот сообраќај се одвива непречено

Контрола во угостителски објекти во Куманово, затекнати малолетници после 24:00 часот

Контрола во угостителски објекти во Куманово, затекнати малолетници после 24:00 часот

Од 9 часот не работи радарот за контрола, полетувањата и слетувањата ќе доцнат по час и половина

Од 9 часот не работи радарот за контрола, полетувањата и слетувањата ќе доцнат по час и половина

„Сејф сити“ го „закочи“ Тетово

„Сејф сити“ го „закочи“ Тетово

Осум повредени завршија во болница по сообраќајна незгода на патот Гостивар-Тетово

Осум повредени завршија во болница по сообраќајна незгода на патот Гостивар-Тетово