18 Мај, 2024
0.0490

Трајчевски: Разочарани сме од избрзаното носење на законот, тоа може да го загрози и изборниот процес

Објавено во: Македонија 25 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber

Агенцијата за медиуми е разочарана од начинот на кој Собранието набрзина, во „пет до 12“ го донесе Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, но таа нема друг избор освен да ги донесе подзаконските акти.

Ова за Фактор го изјави Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, откако операторите обединети преку Здружението на информатичко-комуникациски технологии најавија дека ќе го прекинат реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали.

АВМУ на седницата закажана за петок ќе ја стартува постапката за носење на подзаконските акти.

„Законот е донесен, и дали нас ни се допаѓа или не, е друга работа, но ние како Агенција мораме да ги подготвиме подзаконските акти, кои ќе бидат усвоени во нацрт верзија на седницата во петок. Со оглед на фактот што потоа мора да следи јавна расправа од најмалку 30 дена, а бидејќи следува и викенд, јас ќе предложам да се определат 35 дена за јавна расправа, и потоа, врз основа на забелешките и предлозите на заинтересираните страни, Советот на АВМУ ќе усвои конечна верзија на подзаконските акти“, вели Трајчевски за Фактор. 

Според овие рокови, излегува дека подзаконските акти ќе бидат донесени на крајот на април или на почетокот на мај.

Трајчевски е разочаран од начинот на кој властите набрзина го истуркаа овој закон, што не доликува на земја членка на Европската унија.

„Ние сме разочарани од самата постапка на носење на Законот, на 15-тина минути пред распуштањето на Собранието, што не доликува на земја што претендира да биде членка на ЕУ. Ние како агенција воопшто не бевме консултирани, и исто како и целата јавност, разбравме од телевизија дека е донесен тој закон. А вакви значајни промени на законите не се носат во вака процедура и во толку кус тајминг, пред распуштање на парламентот, бидејќи можат да го загрозат и изборниот процес. И што е многу значајно, ние како АВМУ сега, наместо да го следиме изборниот процес, ќе треба да бидеме ангажирани со правење на подзаконските акти, што ќе ни одземе многу време и ресурси, наместо целосно да се концентрираме на следење на изборниот процес“, вели Трајчевски. 

А најавата на операторите, според првиот човек на АВМУ, практично значи дека ние од задутре, кога неофицијално се очекува тие да го прекинат реемитувањето, ќе можеме да гледаме само МТВ 1 и 2, како и Собранискиот канал, освен оние граѓани кои имаат смарт телевизори и имаат Јутјуб и Нетфликс, но такви се многу малку во нашата држава.

Трајчевски вели дека сега не може да се направи ништо за да се подобри оваа ситуација, бидејќи Законот е веќе донесен, и Агенцијата и операторите буквално мора да го почитуваат.

А факт е дека операторите имаат потпишано договори со странски и со домашни канали за емитување, што значи дека поради исклучувањето, тие можеби ќе треба да плаќаат и пенали кон нив.

„Тоа се комерцијални договори, и операторите веројатно имаат направено пресметки дали повеќе им се исплати да ги плаќаат пеналите, или да имаат проблеми со законите во државата“, вели Трајчевски.

Инаку, од Стоманската комора на Македонија соопштија дека реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали преку македонските оператори ќе биде прекинато, и дека ова едногласно го одлучило Здружението на информатичко-комуникациски технологии, каде што се обединети сите оператори. Операторите ќе го пренесуваат само јавниот сервис – МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал. 

„Ваквата одлука на Здружението на информатичко-комуникациски технологии се должи на новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што Собранието на РСМ го донесе на 16.02.2020 година, на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа“, се вели во соопштението.

За оваа принудна одлука, да се прекине реемитувањето на домашните и странските ТВ канали, Здружението на информатичко-комуникациски технологии ги информирало Претседателот на РСМ, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, ресорните министри во Владата, АЕК, АВМУ, дипломатскиот кор, Делегацијата на ЕУ во земјава, Европската комисија, странските и домашните радиодифузери и домашната и меѓународната јавност. 

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

Градоначалник доби кривична: Незаконски располагал со буџетски средства за време на избори

Градоначалник доби кривична: Незаконски располагал со буџетски средства за време на избори

ШТО ЛИ ЌЕ СЕ ДИСКУТИРА: Претседателството на ДУИ ќе состанчи попладнево

ШТО ЛИ ЌЕ СЕ ДИСКУТИРА: Претседателството на ДУИ ќе состанчи попладнево

Се вози без возачка, се „лета“ на црвено, се зборува на мобилен: МВР казнува низ Скопје

Се вози без возачка, се „лета“ на црвено, се зборува на мобилен: МВР казнува низ Скопје

Тошковски: Лишен од слобода виш аналитичар во СВР Скопје, фатен со над 10 илјади евра од сторена измама

Тошковски: Лишен од слобода виш аналитичар во СВР Скопје, фатен со над 10 илјади евра од сторена измама

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“

Град Скопје обвинува дека „Дизниленд Реквизити“ незаконско и насилно монтира панорамско тркало: Кој се крие зад чаирската фирма?

Град Скопје обвинува дека „Дизниленд Реквизити“ незаконско и насилно монтира панорамско тркало: Кој се крие зад чаирската фирма?

ОЈО предложи притвор за осомничениот што си ги уби братот и снаата во Стајковци

ОЈО предложи притвор за осомничениот што си ги уби братот и снаата во Стајковци

За десетина дена би можел да се знае составот на новата влада: Обвинувања за притисоци за решенијата и одлуките за поништеното гласање

За десетина дена би можел да се знае составот на новата влада: Обвинувања за притисоци за решенијата и одлуките за поништеното гласање

Mаксимумот на температурата денес до 29 степени, во Скопје до 27 - но нестабилно: Ова е временската прогноза

Mаксимумот на температурата денес до 29 степени, во Скопје до 27 - но нестабилно: Ова е временската прогноза