Трамп ја чека Европа, а таа го чека него
Објавено во: Колумни 15 Септември, 2025 07:07
Украина ќе им дели лекции за одбрана од дронови на членките на НАТО. Веќе е најавено дека во Полска ќе се обучуваат војниците од страна на украински инструктори. Како што пишуваше „Њујорк тајмс“, од дваесет руски дронови, кои Русите не ги признаваат за свои, НАТО одбраната во Полска урнала три. Оттука полезно ќе биде украинското искуство за одбрана од дронови. Особено што Европа постојано тврди дека Русија ќе нападне членки на НАТО. Како и да е, во моментов воено најзакалени се руската и украинската армија.
Во саботата американскиот претседател, Доналд Трамп, постави услови за воведување санкции против Русија, како чекор таа да се натера кон мир во Украина. На својата социјална мрежа тој објави „Писмо до сите народи на НАТО и на светот“. Во него Трамп вели:„ „Подготвен сум за големи санкции против Русија ако другите земји од НАТО се согласат да го сторат истото и кога сите земји на НАТО ќе престанат да купуваат нафта од Русија. Како што знаете, посветеноста на НАТО кон победа е многу помала од 100%, а купувањето нафта од Русија од страна на некои од неговите членки е шокантно! Ова во голема мера ја ослабува вашата преговарачка позиција со Русија. Во секој случај, подготвен сум да „почнам“ кога ќе бидете подготвени. Само кажете ми кога? Верувам дека овие мерки, плус НАТО, како група што наметнува 50 или 100 проценти царини за трговија со Кина, кои ќе бидат повлечени по завршувањето на војната меѓу Русија и Украина, во голема мера ќе помогнат да се заврши оваа глупава и бесмислена војна. Кина има силна контрола, па дури ја држи цврсто Русија, а овие силни царини ќе ја ослабнат таквата контрола..“ Трамп повторува дека ова не е негова војна, дека таа е на Бајден и на Зеленски и дека тој е „единствениот што тука помага таа да запре и да се спасат илјадници руски и украински животи..“ „Ако НАТО го стори тоа што го велам, оваа војна ќе заврши брзо и сите овие животи ќе бидат спасени! Ако не, само го трошите моето време и времето, енергијата и парите на Соединетите Американски Држави“, напиша Трамп.
Истиот ден, специјалниот пратеник на Трамп за Украина, Кит Келог, изјави дека војната во Украина може да заврши „уште утре“, ако Кина ја прекине секоја помош на Русија. А Трамп и вчера тврдеше дека санкциите на европските земји против Русија се недоволно жестоки, затоа што тие и натаму продолжуваат да купуваат руски енергенси. Практично се повтори од претходниот ден. Дека не сака Европа да купува нафта од Русија, и дека ќе воведе санкции кога Европа ќе ги воведе и тоа засилени.
ТОПКАТА Е КАЈ ЕВРОПА
Од овие изјави може да се заклучи дека сега топката за мир во Украина и за американско учество кон негово воспоставување се префрла кон Европа. Трамп чека таа да отвори фронт против Кина! Трговски фронт. Сите знаеме како помина Европа во царинската кавга со САД. Фон дер Лајен си ја свитка опашката. До ден денес ја критикуваат во Европа. И сега таа ќе треба да крене рака во поддршка на барањата на Трамп. Прашање е дали тоа ќе се случи. Врските на Европа и Кина во трговијата се темелат врз принципите на слободната трговија и сигурно двете страни не сакаат разурнување на тие темели.
Од неговото „писмо“, јасно се гледа дека тој и натаму, како виновници во војната во Украина ги смета Џо Бајден, поранешниот американски претседател и украинскиот, Владимир Зеленски. Од рускиот претседател, Владимир Путин, нема ни „П“. Во „писмото“ ја нема ниту Индија, како втор најголем купувач на руска нафта. Кој знае какви се калкулациите на Трамп? Може да се каже дека Трамп со ваквите потези купува време. Зашто очигледно не може да ја прекине војната во Украина, како што очекуваше.
Воведувањето на европски царини кон Кина, може да доведе само до нова трговска војна со сите последици. Зашто Кина не е Русија. Кон последнава се воведоа 18 пакети санкции. Но големиот ефект од нив изостана. Се подготвува 19-ти пакет. Никој не знае што ќе се стави во него. Дали има уште нешто руско што не е под санкции? Се спомнуваат замрзнатите руски депозити од 200 до 300 милијарди долари. Да се запленат и конфискуваат. Но, тоа тешко оди.
Си има Европа и други проблеми. Исто како и Трамп. Во САД има политичко раслојување, кое не води кон добро. Длабоката демократска традиција во таа земја, како да била само привид, кога еден претседател може да ја нарушува само за неколку месеци од доаѓањето на власт. Ќе биде опасно ако ситуацијата во САД кулминира до степен да мора Трамп да бара виновници надвор. И за да ги покрие своите неспосбности да води една голема држава да посегне по надворешни конфронтации, кои не ветуваат ништо добро. Па и конфронтација со Русија околу Украина. Дури тогаш светот може да биде сведок на отворена кинеска поддршка на Русија. Епилогот од таквата конфронтација тешко е да се предвиди.
ПАРИ И ОРУЖЈЕ
И Европа не е подолу со проблемите. Па ќе и биде тешко да одговори на барањта на Трамп. Во Британија протести, кои можат да ја разнишаат власта. Кир Стармер кој знае што има во главата. Нема пари, а од друга страна се ветуваат милијарди за Украина. Истото се случува со Емануел Макрон. Со доверба од 15 проценти, со падната влада, тој е замолчен. Канцеларот Фридрих Мерц, чија партија ја губи популарноста под напливот на десницата, вети милијарди за Украина, а економијата во земјата никако да застане цврсто на нозе. Единствен раст има воената индустрија. Згора на тоа, како и во Британија и таму си имаат проблеми со миграцијата. И расте незадоволството кај народот од неа. Во Полска, премиерот Доналкд Туск, го обвинува Кремљ за растот на приврзаниците кон Русија, наспроти падот кон Украина.
Европа во сите свои планови за мир во Украина, ја става силата. Ама никако да прати војски таму. Зеленски бара само пари и оружје, а Европа тоа може да му го понуди, но на сметка на свое ослабување. Прашање е и тоа кога ќе заврши. Се разбира, најважно од се’ е дека во сите нејзини планови, услов за нивна реализација е учеството на САД. Но Трамп сега испорачува своја фактура кон Европа.
И додека Трамп чека одговори од Европа, а оваа од него за помош околу Украина, може само да се нагаѓа за однесувањето на Трамп. На Аљаска со Путин се договорија Украина да отстапи територија, а Русија да гарантира нејзина безбедност. И средби на врвот за да се заврши таа работа. Трамп веројатно си зел обврска да го спроведе договореното. Кит Келог и деновиве е во Украина. Нешто зачести. Веројатно има задача од Трамп да го омекнува Зеленски. Во меѓувреме Путин очекува испорачување на договореното. И војува. Американскиот претседател смета дека релативно брзо би можело да има тристрана средба, кон која тој повикуваше. Но и да дојде до таква средба, Трамп вели дека на неа ќе треба да зборува само тој. „Тие се мразат еден со друг толку силно што не можат да дишат, па ќе морам јас да се вмешам“, изјави вчера Трамп.
Доколку наскоро не дојде до тристрана средба, шанса за двострана ќе биде Малезија. Од таму дојде вест дека и Путин и Трамп ќе бидат на Самитот на АСЕАН што ќе се одржи во октомври. Па и дека ќе се сретнат. Ова официјално не е потврдено, ниту од Москва, ниту од Вашингтон. А дотогаш двете завојувани страни ќе водат борби. Ќе летаат дронови, ќе горат нафтени терминали, рафинерии и термо централи, ќе гори инфраструктура. Ќе гинат луѓе, Западот, Европа, ќе мислат дека со давање пари и оружје си ја завршиле работата. А во меѓувреме нека работат врз домашната задача што им ја даде Трамп.
Мирче Адамчевски
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





