Добивај вести на Viber
Општинските власти во Кисела Вода изминатите денови спроведуваат анкета меѓу жителите на оваа општина за воведување зонско паркирање. Граѓаните се со поделени мислења. За едни, зонското паркирање е решение за недостигот на паркинг простор кој се почесто се јавува во оваа општина, но за други - се работи само за непортебен трошок кој проблемот нема да го реши.
Жителите на Кисела Вода сепак нагласуваат и дека локалната власт треба најпрвин да спроведе други поприоритетни проекти, како што се решавање на инфраструктурни проблеми, изградба на нови паркиралишта, санирање на улици, а дури потоа да размислува за наплаќање на паркинг услугите.
За да воведе една општина зонско паркирање, неопходна е согласност и иницијатива од граѓаните. Досега во Скопје овој систем го имаат воведено Аеродром и Центар. Јавното претпријатите „Градски паркинг“, пак, кој треба да управува со паркинзите, во своите планови има намера зонското паркирање да се шири и во Кисела Вода, Карпош, Чаир, Ѓорче Патров, па и во Ченто. Но, доколку граѓаните се изјаснат против оваа идеја, локалната власт тешко дека ќе може да го спроведе проектот.
„Резултатите од ова испитување на мислењето на жителите на општина Кисела Вода ќе бидат клучни при носењето на одлуката за оваа можност. Ова е само едно од можните решенија на проблемот со недостиг од места за паркирање кој реално постои во општина со голем број на жители и голема површина, како што е општина Кисела Вода. Размислуваме за повеќе можности. На пример, изградба на нови јавни паркиралишта, користејќи го секој слободен простор што ни стои на располагање, а притоа тоа да не подразбира нарушување на зеленилото во општината. Сепак, треба да се има в предвид и специфичоста на општина Кисела Вода, како стара и густо проектирана општина во која не располагаме со многу слободен простор“, велат од општината.