30 Април, 2024
0.0275

Трето послание од Америка

Објавено во: Колумни 13 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Во првото послание од САД, драги мои, исцртав една чудна сцена во која универзитетското обезбедување не „искара“, зошто консумираме алкохол во универзитетскиот кампус, прекршувајќи го правилото за „Dry Campus“, од што заклучив дека тоа се доживува како своевидно ограничување на слободата. Законите, правилата и правилниците се доживуваат како формалности чие строго применување ја гуши слободата на поединецот, сведувајќи го на штрафче кое само служи за одржување на системот. Во второто послание, исцртав сосема обратна слика и разбирање за тоа што е слободата и како се разбира. Имено, истото тоа обезбедување кое не искара за алкохолот, во три и кусур по полноќ ми помогна да си влезам во заклучената соба. Во овој случај, слободата се дефинираше помалку Хегелијански, како остварување на улогата на поединецот во заедницата. Сега, законите, правилата и правилниците се доживуваа како остварување на мојата слобода во заедницата, а не нејзино ограничување.

Читајте уште Прво послание од Америка: за слободата

Второ послание од Америка

Во секој случај, она што од двата примера е несомнено е дека слободата е важна. Поединецот сака да се чувствува слободен. Слободата е можеби една од темелните одредници на човековата егзистенција. Секој сака да ја вкусува слободата. Никој не сака да се доживува како неслободно суштество. Тоа е несомнено, она што е прашално е, повторно – а што е слободата? Во денешниот пример, драги мои, ќе исцртам еден пример, кој се случи во Македонија, непосредно после моето враќање од САД, и во техничка смисла не е „послание од САД“, но затоа што суштински е поврзано со овие тематизирања на слободата, во основа е послание на истата тема и е послание од САД.

Настанот се случи ден-два откако се вратив во Македонија и секако, сакав колку можам повеќе да го компензирам изгубеното време со моето семејство, особено со моите деца (иако, компензацијата суштински е невозможна, секој ден е уникатен, не можете да го вратите времето назад). Од тие причини често ги дружев на разни настани и по разни поводи. Овој пат, заминавме на фудбалски натпревар на Градскиот стадион да ја гледаме ФК Брегалница против ФК Вардар. Стадионот е отворен простор, како што знаеме, но сепак е јавен собир и оттука, според законот, таму пушењето е забрането. Јас сум пушач се разбира, но секогаш внимавам да не го правам тоа пред моите деца и особено да не им пречи. Не сакам мојата грда навика да им се рефлектира на нивното здравје – тоа не е нивни избор, не мора да страдаат заради мојот избор.

И така, седејќи на трибините на јавен собир, на кој според закон не се пуши, еден гледач-навивач до мене, запали цигара. Помалиот мој син, кој седеше до него, почна да реагира кон мене, дека чадот оди кон него и дека му пречи. Јас прво го станав од тоа седиште и го седнав до мене. Чадот продолжи да оди кон него, т.е. кон нас, а син ми продолжуваше да реагира, да поткашлува, да мавта со рачињата...да му пречи. Тогаш решив да го замолам господинот да внимава, а најдобро и да ја угаси цигарата. Да не должам, скратено, одговорот  на господинот се сведе на: „што сакаш, отворен простор е, не сум во затворен простор!“ Во ред – реков – но сепак е јавен собир и според закон и овде е забрането пушењето, а како и што реков, му пречи на син ми. „Што е, ти да не си адвокат или инспектор та ми се расфрлаш тука со закони!? Ако ти пречи, премести се!“ Се разбира, така и направив. Но долго се мислев: што е тоа што нè тера нас Македончињата да не ги почитуваме законите, правилата, правилниците? Зошто имаме скоро патолошка желба да пркосиме на правилата? Зошто често правиме, особено мали, безопасни прекршоци, убаво знаејќи дека го кршиме законот или правилото? Што нè тера на тој каприц? Како не сме научени како во САД, на пример, да го почитуваме и најмалото правило, а дури и кога го прекршуваме, да сме свесни за прекршувањето и да ја преземеме одговорноста за тоа? Овде, дури и кога сме свесни за прекршокот, бараме „врски“, молиме, „колиме“, да ни се прости, да ни се скине казната...

За одговорот на овие прашања се враќаме на констатацијата дека слободата е важна! Можеби најважната одредница на човековата егзистенција. Човекот сака да се чувствува слободен. Човекот не сака да е окован во пранги. Слободата секому му е важна. И тогаш сфатив – со ваквото непочитување, особено на малите „безопасни“ закони, закончиња, правила, правилници... ние всушност компензираме за вистинската слобода! Непочитувањето, кршењето на правилата во заедницата е знак на нашиот мал бунт при кој барем за миг се чуствуваме „слободни“. Ваквото кршење и непочитување на законите го правиме од пркос, комензирајќи ја суштинската неслобода која секојдневно ја живееме. А живееме суштински неслободни. Како? Едноставно: во Македонија нема во три и кусур по полноќ некоја институција да ви крене телефон и да ви помогне, во Македонија нема да ја добиете најдобрата услуга на доктор или во пошта, во Македонија службеничката нема да ви се насмее или извини од онаа страна на шалтерот, во Македонија учителката нема сериозно да разговара со вас и да се заложи за подобрување на психо-физичката состојба на вашето дете...Конечно, во Македонија, не можете да си дозволите да се „ослободите“ и да заминете на викенд во Банско, или да скијате во Крушево, или да се посончате и капете во Охрид или на море. Во Македонија никогаш не сте се почувствувале слободни да се качите во авион и да заминете за Париз. Во Македонија никогаш не сте се почуствувале слободни да платите часови по кајак или параглајдинг. Во Македонија никогаш не сте биле слободни да повикате бебиситерка, додека вие сакате да поминете романтична вечера сами со партнерот. Во Македонија ја немате слободата да го запалите автомобилот и да ги посетите пријателите од соседниот град, оти тоа чини бензин. Во Македонија не сте слободни да се дружите со другарите во дворот оти ниту имате двор, ниту имате пари за barbaque…Во Македонија, конечно, вие навистина се чувствувате суштински неслободни, затворени стегнати, оптоварени и единствениот начин барем за миг да се почуствувате достоинствено човечко суштество е пркосот кон заедницата! Кај нас, слободата всушност е каприц! Од каприц, од пркос, тој човек на стадионот не сакаше да ја изгаси цигарата или воопшто да не ја запали, оти таков е законот. Тој со тој гест покажуваше среден прст на заедницата и нејзините закони: „на, еве ви го, десет години не сум заминал на годишен одмор, јадам евтин маргарин е посебна салама, гонете се и вие и вашите правила и закони, јас сум човек, и своето достоинство го имам токму во овој миг кога пркосам на целиот тој систем заради кој и се чувствувам неслободен!“ Ете на тоа се сведуваат нашите мали гестови на бунт, тие се нашите мали „енклави на слободата“, наши мали островца на пркос на кои барем за миг се чувствуваме како достоинствени човечки битија, наспроти јаремот на неслобода што го чувствуваме секој ден. Секој сака да се чувствува достоинствено и слободно, зарем не!? Ете затоа секој ден чиниме такви мали, но важни непочитувања на законот и правилата во заедницата - за да барем за миг се осетиме живи!

Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД