Добивај вести на Viber
Кујната во градинката „Детска радост“ во општина Гази Баба е времено затворена откако кај три дечиња беше утврдено труење со салмонела. Вчера Државниот санитарен и здравствен инспекторат направил вонреден инспекциски надзор во градинката„Сончоглед“ и „Калинка“ од каде се затруените деца, информираа од Инспекторатот.
„Во текот на надзорот земени се седум мостри од работни површини во централната кујна, седум примероци од храна, вклучувајќи го и контролниот оброк кој се остава задолжително согласно правилниците од Агенцијата за храна и ветеринарство од 29 овој месец и три испироци од раце на негователките односно воспитувачките од групите од каде што потекнуваат заболените деца“, изјави д-р Вера Менкова, која додаде дека затворањето на кујната е стамдардна процедураво вакви ситуации.
Сега се чека на резултатите од земените мостри, а откако ќе се добие стручното мислење од Центарот за јавно здравје од епидемиолошката служба ќе се види што понатаму, информира Менкова.
Првичните резултати се добиваат по 48 часа, односно 72 часа. На симптоми се пожалиле уште 5 деца, но кај нив не е утврдено присуство на бактеријата салмонела.
Храна во градинката сега се обезбедува од фирми кои имаат лиценци. Родителите се загрижени, а како што потврдија за Фактор, сите оние кои имаат кој да им ги чува децата, деновиве одбегнуваат да ги пратат во градинка.
Во оваа градинка, во сите групи, има запишано над 600 деца.