Тројка надеж: Во Клиниката Жан Митрев на свет донесени три предвремено родени бебиња – Мелис, Мира и Малахат во 31-та гестациска недела
Објавено во: Македонија 05 Јуни, 2025 14:23
На 4. јуни 2025 година, во
Клиника Жан Митрев на свет беа донесени три предвремено родени бебиња – Мелис,
Мира и Малахат, од природно зачната тројна бременост, реткост во современата
медицина. Родени со царски рез 9 недели пред очекуваниот термин, во 31-та
гестациска недела, новороденчињата моментално се во стабилна состојба и се
згрижени во Центарот за мајка и бебе под надзор на неонатолозите.
Тие добиваат неинвазивна респираторна поддршка (CPAP). Виталните параметри
се стабилни и медицинските тимови внимателно ги следат со надеж за брзо
заздравување и отпуштање дома.
Со ова породување и официјално започнува со работа Одделот за неонатална интензивна нега (NICU) во Клиника Жан Митрев.

Првото новороденче, Мелис, тежи 1390 грама и е долго 42 см. Второто бебе, Мира, тежи 1270 грама и е долго 36 см. Третото предвремено родено бебе, Малахат, тежи 1340 грама и е долго 40 см. Бременоста се развивала природно, без медицинско потпомогнато оплодување, од три оплодени јајце-клетки. Целокупниот процес на следење, водење и породување беше изведен од мултидисциплинарен тим од врвни гинеколози акушери, неонатолози, акушерки и неонатолошки сестри, со користење на најсовремена опрема и протоколи.
Пренаталната грижа започна од 11-та гестациска недела и беше водена од прим. д-р Љупчо Петровски, д-р Јелена Голубовиќ Симјановски и д-р Ненад Лазаров. За време на хоспитализацијата пациентката беше следена од д-р Владимир Кижески. Породувањето со царски рез беше извршен од тимот предводен од д-р Менду Јегени, во соработка со д-р Кижески, д-р Саша Јовчевски, д-р Голубовиќ Симјановски и анестезиолозите д-р Марко Ѓоргон и д-р Сања Маринковиќ.

Бебињата беа веднаш преземени од три педијатриски тима под водство на д-р Рената Димитроска - субспецијалист по неонатологија, заедно со педијатрите д-р Весна Деловска, д-р Маја Ангелеска Викторијоски, д-р Катерина Димовска и д-р Милена Спирковска.
„Нивното доаѓање на свет ни донесе огромна радост, но и потврда дека кога знаењето, искуството и современата технологија се здружат, можеме да ги надминеме и најголемите предизвици. Мелис, Мира и Малахат се наши мали херои,“ изјави тимот од Центарот за мајка и бебе.

Во последните три децении, стапката на повеќеплодови бремености е зголемена за 70 проценти, а тројните бремености од природен пат, како оваа се вистинска реткост и во светски рамки се појавува во 1 на 8000 случаи. Ова породување претставува не само медицински успех, туку и симбол на надеж, живот и хуманост. На нивната мајка, г-ѓа Мубеџел Бектешова од Скопје, ѝ посакуваме брзо закрепнување, а на Мелис, Мира и Малахат – живот исполнет со љубов, здравје и сила.
*пр објаваМожеби ќе ве интересира
Крај на опасната крстосница во Аеродром: Се поставува семафор на улицата Васко Карангелески
ТОШКОВСКИ ПОТВРДИ ДЕКА Е УАПСЕН ПОРАНЕШНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА: Повеќе детали најавува наскоро
ВИДЕО: ДЕЦА КРВНИЧКИ СЕ ТЕПАА ВО САРАЈ: ОЈО побара судска постапка спрема 5 деца
Макстил: Информациите за пожар не се однесуваат на нашата компанија
Започна демонтажа на стариот радар на Аеродромот Скопје, авионскиот сообраќај се одвива непречено
Контрола во угостителски објекти во Куманово, затекнати малолетници после 24:00 часот
Од 9 часот не работи радарот за контрола, полетувањата и слетувањата ќе доцнат по час и половина
Осум повредени завршија во болница по сообраќајна незгода на патот Гостивар-Тетово




