Добивај вести на Viber
Турска компанија ќе ги модернизира патарините по Коридорот 10 и ќе воведе систем за електронска наплата на патната такса. Според Министерството за транспорт и врски, станува збор за компанијата „Аселсан“, која победила на тендерот за оваа зделка.
„Аселсан“ ќе склучи договор со Јавното претпријатие за државни патишта, а во рок од 18 месеци треба целосно да го стави во функција новиот систем за електронска наплата на патарините.
Овој систем за електронска наплата е предвидено да се реализира преку маркички и смарт картички, а системот автоматски ќе врши и категоризација на возилата. Смарт картичките ќе бидат по можност при пеид и пост пеид, а во прво време ќе се продаваат во кабините на наплатните станици. Во втората фаза тие ќе се продаваат на бензиските пумпи и други малопродажни објекти.
„Со изведбата на овој проект ќе се овозможи брз проток на возила низ патарините, ќе се исклучи човечкиот фактор, плаќањето во кеш нема да е дозволено, а ќе се избегне и можноста за неплаќање на патн такса. Модернизацијата и новиот систем на наплата ќе овозможи и избегнување на тесните грла посебно во летниот период“, уверени се од Министерството за транспорт и врски.
Освен електронската наплата, проектот предвидува проширување и модернизација на наплатните станици Романовце, Петровец, Сопот, Отовица и Градско. Патарините Романовце и Градско ќе добијат и нови локации, односно ќе бидат дислоцирани неколку стотини метри поради зголемување на бројот на ленти за наплата од постојните пет на 10, како и поради изградбата на новиот експресен пат Градско-Прилеп.
Вредноста на инвестицијата е 18,7 милиони евра од кои 15 милиони евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.