Добивај вести на Viber
Времена мерка затворање и парична глоба за вкупно 58 објекти изрекоа мобилните екипи на Управата за јавни приходи при редовните контроли.
Од нив 26 се од Тетово, осум од Велешко, 10 од Куманово, по три од Охрид и Битола, пет од Прилеп и еден од Вевчани.
При контролите затворени се и две „диви“ обложувалници во струшките села Велешта и Радолишта, каде е одземена и целокупната опрема во објектите.
За време на контролите, инфомираат од УЈП, нивните екипи евидентирале случаи на навредување и попречување на даночниците во извршувањето на службените должности.
Во општина Чашка, при контрола на фискализација кај даночен обврзник, повеќе лица се собрале надвор од објектот и гласно упатувале погрдни зборови.
Во Велес, сопственик на магацин за прехранбени продукти се обидел да ја одолговлекува контролата за фискализација со цел „ургенција“ преку инспектор во УЈП, со кој бил во роднински врски и чиј син работел во магацинот.