Уште една земја нема да ги признае руските пасоши издадени во источна Украина
Објавено во: Свет 07 Август, 2019
Естонија нема да ги признае руските пасоши на жителите на Доњецк и Луганск.
Таа е втора земја која се решава на ваков чекор.
Земјата нема да ги признае руските пасоши издадени на жителите во источниот дел на Украина, соопшти естонското МНР. Од Министерството појаснуваат дека нема да се признаваат руските пасоши издадени во областите под контрола на проруски сепаратисти по 24 април 2019 година, освен ако носителот претходно не бил руски државјанин.
Естонија претходно одлучи да не ги признава пасошите на Руската Федерација издадени на Крим и Севастопол на локалните жители по 18 март 2014 година, доколку корисникот на пасошот претходно не бил руски државјанин.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно оваа година вети брзо добивање државјанство на секој што живее во украинските области Доњецк и Луганск. Поради тоа, Путин беше обвинет за напад врз суверенитетот на Украина и загрозување на примирјето во регионот.
Претходно и косовското МНР објави дека нема да ги признава руските пасоши издадени на жители на Доњецк и Луганск.
Министерот за надворешни работи на Косово Беџет Пацоли порача дека Косово нема да ги признае пасошите издадени од Русија за жителитена на Доњецк и Луханск во Украина, јави дописникот на МИА од Приштина.