(ВИДЕО) СТАМПЕДО НА ПОГРЕБОТ НА ИРАНСКИОТ ГЕНЕРАЛ: Настрадаа најмалку 50 луѓе
Објавено во: Свет 07 Јануари, 2020
Најмалку 50 загинати има во метежот што настана на погребот на иранскиот генерал Касим Сулејмани.
Веста ја објави иранската новинска агенција „Исна“, повикувајќи се на локален функционер.
Агенцијата „Фарс“, повикувајќи се на информации од службениците за вонредни состојби, претходно објави дека во метежот се повредени вкупно 213 лица.
На фотографии се гледаат илјадници луѓе собрани на улиците на градот Керман, многумина облечени во црно во знак на жалост за убиениот генерал.Во Техеран вчера повеќе од еден милион луѓе излегоа на улиците да му испратат последен поздрав на убиениот генерал.
Смртта на Сулејмани предизвика жестоки реакции во Иран, а веќе стигнуваат и закани за одмазда.
Лидерот на Револуционерната гарда, Хосеин Салами утрово се закани дека „ќе ги запали“ оние кои ги поддржуваат САД, на што насобраната маса одговори со извици „Смрт за Израел“.
За многу Иранци, Сулејмани беше национален херој. САД го сметаат за одговорен за смртта на американски војници во Ирак и тврдат дека подготвувал нови напади токму пред да биде убиен со напад со дрон во петокот во близина на аеродромот во Багдад. Сулејмани ги предводеше и единиците кои му даваа поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад, како и иранските паравоени единици во Ирак, Либан и Јемен.„Дејствував за да запрам, а не да започнам војна. Длабоко го почитувам иранскиот народ. Не се обидуваме да го промениме режимот“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп откако даде наредба за ликвидација на иранскиот генерал Касем Сулејмани.
Сулејмани беше втор по важност официјален човек на Иран.