Владата денеска ќе гради став за францускиот нон-пејпер
Објавено во: Македонија 26 Ноември, 2019
Денеска Владата на седница ќе ги дефинира позициите за францускиот предлог, според кој преговорите со Скопје и Тирана можат да започнат со ЕУ само откако ќе се постигне консензус за новата методологија на проширување.
Ова го најави вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи вчера во гостувањето на емисијата „Топ Тема“ на Телма. Тој рече дека француската министерка за Европа, Амели де Моншалан, му се јавила телефонски за да го праша за неговото мислење за „нон-пејперот“, но тој и одговорил дека прво треба да се консултира внатрешно и со надворешните партнери, односно земјите-членки на ЕУ.
Националниот совет за евроинтеграции, во кој покрај Османи. членуваат уште и претставници од кабинетот на претседателот на државата и на премиерот, на МАНУ, ЗЕЛС и од Здружението на новинарите, денеска ќе одржи седница на која тема ќе биде најавениот нов пристап кон проширувањето на Европската унија – идеи и предизвици.
На седницата се очекува пред пратениците и другите членови на Советот да зборува францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој треба да ги претстави дефинираните ставови на Париз за методологијата за проширување.