Добивај вести на Viber
Владата започнува со реализацијата на проектот за изградба на 30 придружни објекти по должината на новите автопати што се градат низ Македонија. Веќе се определени првите девет локации за изградба на бензински пумпи, мотели и други комерцијални објекти.
Од нив, две се локации по автопатот од Кичево до Охрид во близина на селата Мислешево и Смилево, три се локации на потегот Демир Капија – Смоквица во близина на месноста Миравци и Милетково и четири локации по трасата на новиот автопат Скопје – Штип во близина на Свети Николе, Пеширово и Сопот.
За овие девет локации, кои ќе бидат понудени на јавна електронска аукција, Министерството за транспорт и врски и останатите надлежни институции ги отпочнаа процедурите за изработка на урбанистичко-планската документација.
„Со воспоставувањето на вакви содржини се постигнуваат повеќе цели како што се подигнување на квалитетот на транспортот и сообраќајот и отворањето на нови можности за бизнис-заедницата и инвестиции кои ќе придонесат за локален и економски развој“, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Во следниот период ќе бидат утврдени и други локации за вакви објекти по должината на автопатите, магистралните и регионалните патишта.