Владата на Харадинај ќе додели по 10.000 евра на семејствата на осудените во „Диво Насеље“
Објавено во: Балкан 10 Ноември, 2017
Косовската влада издвоила 219.000 евра за покривање на трошоците на семејствата на косовските државјани убиени и осудени во нередите во Диво Насеље во Куманово во 2015 година.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај на седница на владата изјави дека секое семејство ќе добие по 10.000 евра. Средствата се извлечени од програмата „непредвидени трошоци“.
Министерството за финансии е должно да ја спроведе оваа одлука.
Кривичниот суд во Скопје на 2 ноември донесе одлука дека 33 од 37 обвинети за тероризам и за терористичка организација се виновни за ова кривично дело, а четворица беа ослободени. Седум обвинети се осудени на доживотен затвор, 13 добија 40 години затвор, а другите се осудени на казна затвор од 12 до 20 години. Седумнаесет лица од оваа група се од Косово. На 3 ноември, во одделен судски процес, друг обвинет беше осуден на доживотен затвор.