Владата нема да дава дозволи за работа во текстилната и кожарската индустрија во Штип
Објавено во: Економија 04 Јуни, 2020
Благој Бочварски, градоначалникот на Штип, информира дека Владата донела акт за официјално затворање на текстилните и кожарските капацитети во градот за време на празничниот продолжен викенд додека трае карантинот во градот.
Ваквата одлука Владата ја донесе на барање на градоначалникот, по информацијата дека луѓе поради страв да не ја изгубат работата во оваа дејност, не кажуваат дека имаат позитивен на вирусот во најблиското семејство.
„Поради ова, за да го заштитиме здравјето на граѓаните и вработените поднесовме барање Владата целосно да го забрани работењето на кожарската и текстилната индустрија. Главниот кризен штаб го прифати барањето. Издавање на дозволи за работа за време на овој викенд на подрачјето на Штип ќе бидат целосно забранети“, рече Бочварски.
За ова, вели Бочварски, информирани се инспекторатите, како и работодавачите да не ги повикуваат на работа ангажираните во конфекциите и кожарите.
„До сега не беа целосно затворени затоа што не носам јас таква одлука, оваа пандемија трае речиси веќе долгоп време и се заканува крах на економијата, што би значело отпуштање на над 7.000 работници кои би останале без егзистенција“, рече Бочварски.