Во Идризово промовирани новите 654 полициски службеници
Објавено во: Македонија 08 Октомври, 2016
Во Центарот за обука во Идризово денеска свечено беа промовирани новите 654 полициски службеници.
Од нив 143 се жени. Тие поминаа обука во траење од една година.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски им порача да бидат бескомпромисни чувари на редот и законите, но и на професиналната чест и достоинството лично и на институцијата која ја претставуваат.
„Интегритетот не се гради со подмитливост, со поткупливост, со непочитување на законите или со селективна правда, со злоупотреба на должностите и службените овластувања или слични такви стандарди и вредности кои со години наназад ја доведоа Македонија до работ на амбисот“ - изјави Спасовски.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков кажа дека се очекува од новите полициски службеници максимална посветеност, чесност, хуманост и одговорност при остварувањето на задачите.
Успешна и професионална работа на новите полициски службеници им посака и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Оливер Андонов и ги повика на целосно извршување на законите, Уставот, основните човечки и граѓански права.