Во МВР сменети 11 началници, ќе има ли уште смени?
Објавено во: Македонија 08 Октомври, 2016
Во Министерството за внатрешни работи досега се сменети 11 началници, а останува можност за промена уште на четворица, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски коментирајќи ги последните кадровски смени во МВР.
Спасовски кажа дека добил информација дека четири до пет лица на важни позиции во МВР биле во исто време на боледување.
„Инаку, тоа не се позициите кои сакав да ги сменам. Ако е заради тоа боледувањето, мислам дека е злоупотреба и треба да се вратат на работа“ – изјави Спасовски.
Тој објасни дека лани за 33 полициски службеници кои не беа примени на работа во МВР, поднел барање до Министерството за финансии за одобрување за нивно вработување. Вели оваа година остануваат 54.
„Минатата година поднесов барање до Министерството за финансии за овие полициски службеници да имаат вработување заради тоа што го положиле испитот, а на МВР му се потребни нови полициски службеници“ - додава тој.
Според него, Министерството за финансии треба да има слух и да даде одобрување за овие луѓе.