28 Март, 2024
0.0293

ВО ПОТРАГА ПО ДОСТОИНСТВО: Кога ја изгубиш сета надеж што ти останува? Бегај!

Објавено во: Колумни 04 Февруари, 2017

Добивај вести на Viber

Кога за 20 години повторно на некој ќе му падне на памет да прави избори или да вети нови 100 000 работни места, нема да има на кој. Бидејќи, сите веќе ќе бидат на подобро место!

Македонија исчезнува! Заминувањето од оваа земја го зема својот данок, а не е лага дека за нешто повеќе од 300 години, последниот жител ќе ја има честа да го изгаси светлото зад себе.

Ништо чудно, ако знаеме дека кај нас повеќе 20 години секој кој се крене ја крои судбината на народот по своја мерка и за своја корист. Повеќе од 20 години не обликуваат преку образовен систем. Не трујат преку своите медиуми. Не држат во постојан страв. И веќе со години, за наше добро, држава ни создаваат оние на кои до истата им дошло исто колку овој снег што се топи.

И додека тие ја создаваат државата во која ние ќе можеме еден ден да живееме ЕДНИ ПОКРАЈ ДРУГИ, зарадни нивна корист ни поминуваат години. Најубавите години. Оние години кои истите овие политичари ги крадеа од нашите родители, а сега ни ги земаат и нам.

Ни го цицаат животот преку цевка сите овие години, за да ни остават само една можност. Да бираме ДАЛИ ЌЕ БЕГАМЕ ОДОВМЕ СЕГА ИЛИ ВЕДНАШ. Дали како и оние 24,8% или една четвртина, луѓе и жени, млади, средовечни, со деца и без нив, кои во последните две години си отишле од земјава, седнале во автобус кој вози во еден правец.

Што подалеку одовде!

И да бидеме јасни, не заминуваат овие луѓе само „по парче леб“. Не, повеќето заминуваат бидејќи не гледаат дека овде може да има живот во наредните 100 години. Дека наместо индокринираните партиски трчкала шанса ќе добијат оние кои навистина тоа го заслужуваат. Дека знаењето некогаш ќе биде над приликите. Дека затруениот систем некогаш ќе профункционира. Дека барем ќе бидат примени кај лекар, а никој „преку врска“ нема да влезе пред нив. Никој тоа не го гледа и затоа заминуваат.

Бидјеќи, се насобрало толку ѓубре, што смредеата стана неподнослива.

Затоа само во последните години од земјава си заминал цел еден град, а во наредните три, ќе заминат дупло повеќе. Но, никој од „почитуваните“ политички прваци не планира ни да се почеша по задник поради тоа. НИКОЈ!

Тие веројатно имаат попаметна работа. Мора да продолжат да го прават она што веќе во континуитет го прават со години. Да ја „градат“ државата за сите нејзини граѓани и граѓанки, селанци и селанки, но по мерка на џебот во нивното сако.

Ја чуваат, прекројуваат, создаваат! Чуда прават, единствено не она што би требало да го прават. И така со години наназад додека народот исчзнува. Тивко и нечујно, но забрзано исчезнува.

Тоа ни го говорат сите податоци. Немилосрдни податоци кои од ден во ден сѐ се полоши. Помалку се раѓаат отколку што умираат, се намалува бројот на невработените, но и вработени. Се повеќе се таквите кои заминуваат на привремена, а уште повеќе на постојана работа во странство. Се затвораат училишта,исчезнуваат села, а градовите остануваат во просек без неколку десетина до неколку стотина семејства годишно.

Воглавно, да не зборуваме напразно ...

Да тргнеме од бројот на родените. Ако ги погледнеме последните податоци на Статистика во 45 оптшини има намалување на бројот на населението.

Бројот на живородените деца во првото тримесечје од 2016 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 0.8 % и изнесува 5 537 живородени деца, посочуваат од Заводот за статистика.

Податоците покажуваат дека заклучно со март 2016  во земјава имало 5.537 живородени деца или за 47 помалку во однос истиот период од 2015 година. Незначително намалување има кај смртноста на новородените или само две мртвородени деца помалку од истиот период минатата година, но од друга страна пак во период од три месеци починале 61 доенче, што во посредба со претходните четири квартали од 2015 година претставува највисоко ниво.

Анализирано по општини, на годишно ниво, во апсолутни бројки наголем број на смртни случаи на новороднчиња има во Скопје, Гостивар, Куманово, Тетово и Струмица.

 Според други податоци на годишно ниво пак, прекланската 2015 во споредба со 2014 е регистрирано намалување на бројот на живородени а зголемување на бројот на мртвородени деца. Имено, во 2015 година бројот на живородени деца е намален за 2,2%. Така , лани имало 23.075 живородени деца и во споредба со 2014 година бројот се намалил за 52. Во истата година во споредба со 2014 та, бројот на мртвордени се зголемил за 14.

Споредбената анализа што ја направи Порталб.мк покажува дека преклани бројот на новородени деца бил на најниско ниво од 2012 година. Еве колку деца се раѓале на годишно ниво: 2014 година 23.596, 2013 година 23.138 и во 2012 година се родиле 23.568 деца. Со цел да ги стимулира многудетните семејства и да ги негува традиционалните вредности, владата од 2007 спроведува мерки и кампањи со оваа таргетирана политика. Но сепак, не оди се баш по планот

Зошто е тоа така? Па, затоа што тие деца се раѓаат во некои други земји!

Понатаму, повеќе од 48 отсто од невработените се млади луѓе, од 15 до 24 години.  Токму кај оваа возрасна категорија на граѓани сите релевантни домашни статистики мерат најдлабока стапка на невработеност. Во обид да обезбедат егзистенција, но и да добијат шанса за кариера и напредок, младото работоспособно население посегнува по иселување, барајќи ја својата шанса надвор од земјава.

Друга е приказната што овде миграцијата на млади и угнететни, жедни за правда и праведност, иднина без војна на повидок и со малку надеж, упорно се претставува како успех и тоа како намалување на невработеноста. Само на болни луѓе тоа може да им падне на ум, а ние изгледа станавме такви. Болно општетство.

На енормните размери на одлив на луѓе во странство поредупредуваат економисти, синдикати, медиуми, организации и сите оние кои гледаат дека за 20 години овде повеќе нема да има никој, освен прецизно избраните слепи следбеници на политиките кои не уништуваат. Нема да остане никој кој вреди и мисли со своја глава. Барем да го „квари“ просекот.

Колку е сериозна ситуација говори податокот дека секој ден куферите ги пакуваат по неколку работници.

Заминуваат најквалитетните

Многу економисти предупредуваат дека состојбата е уште полоша, бидејќи покрај оние кои се избришани од евиденцијата на бирото за вработување во странство постои и армија луѓе кои самосотојно нашле работа во некоја странска земја.

Состојбата е повеќе од алармантна, бидејќи секој ден заминуваат се поголем број работници. Трендот се очекува да земе уште поголем замав, а тоа покрај високата стапка на невработеност, негативно ќе се одрази на домашниот пазар и кога се работи за квалитет на бројот на работна сила. Посебно е загрижувачко што заминуваат најквалитетните кадри-велат упатени во проблематикава.

Во овој момент може малку да се направи за да се запре одливот на работна сила, но однекаде мора да се почне.

За да барем во мала мера биде запрена досегашната пракса на одлив на мозоци, потребно е да се обезбедат подобри услови за работа и работниците да бидат подобро платени, да се прилагоди образовниот систем на пазарот, но и да се привлечат инвеститори кои ќе и  дадат замав на домашата економија. За да дојдеме до тие цели треба да се намалат и доприносите и даноците кои ги гушат домашните фирми .

Алармот ѕвони одамна

Факт е дека поради одливот на работна сила алармот ѕвони одамна, но никој од надлежните не сака да го слушне.

Состојбата е крајно критична, и како што тргнало ќе останат само возрасните, пензионерите и оние кои не можат да се вработат во странство. Работната сила заминува бидејќи платите се ниски и нередовни, нема доволно работа, но и затоа што работодавците не ги почитуваат правата на работникот. Тоа е посебно изразено кај младите и луѓето во средна животна возраст, кои се образовани. Тие прават се за да се вработат во некоја од странските земји, во која ќе бидат почитувани, ценети и соодветно платени за својата работа.

И кога следен пат на некој од политичките кловнови ќе има падне на ум да ветат нови 100 000 работни места , нема да има на кој да му ги понудат. Туку сите ќе бидат вработени граѓани на Европа. Можеби ќе ги чистат германските гомна, но тоа ќе го прават со достоинство кое овде не можеле да го имаат.

И ако барем ништо, поради ова последното, сите вие кои со својата добрина, работа и труд години наназад не туркате преку границите од Македонија, ве молиме во наредните 20, помогнете ни барем така што нема да работите ништо. Бидејќи секој ваш потег значи 50 луѓе помалку во земјава. А ако пак нешто се промени, а тоа е премногу оптимистичен став за наредните „поглавари“ на оваа напатена земја, тогаш, секоја чест на оној кој ќе успее да си ги задржи граѓаните и да им го врати она кое одамна им го зема некој -ДОСТОИНСТВОТО.

Ирена Ставрова

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?