Воените ветерани на Балканот ќе заработат 686 милиони евра во 2018-та
Објавено во: Економија 08 Октомври, 2018
„Балкан инсајд“ објави дека во 2018-та Хрватска, Србија, БИХ и Косово на воените ветерани од борбите во 90-тите години од минатиот век ќе им исплати 686 милиони евра бенефиции, но и дека проблемите на поранешните членови на официјални и неофицијални структури се уште не се решени и дека тие и натаму не се задоволни од тоа што го добиваат за возврат и протестираат.
Најголемите спорови се водат помеѓу ветераните и владите на нивните земји, пишува Балкан инсајд.
Во меѓувреме, здруженија на ветерани имаат стекнато политичко влијание во некои од овие земји и се уште се обидуваат да го присвојат она што тие го гледаат како нивното основно право - од психосоцијална грижа, до обезбедување официјален и траен статус, па до финансии за членовите на нивните семејства по нивната смрт.
Во Хрватска во буџетот се предвидени 174 милиони евра за поранешни милитанти, додека владата на Косово издвои 77,8 милиони евра за пензии за поранешните борци што е многу значителен износ од државната каса со вкупна висина од 1,8 милијарди евра.
Србија за нега на хендикепирани ветерани од буџетот во 2018 година предвидува околу 114 милиони евра, а властите во двата политички ентитети во Босна и Херцеговина имаат вкупна ставка од 150 до 170 милиони евра за оваа година.