Добивај вести на Viber
Запечатена е судбината на околу 800 вработени од ОХИС, ќе бидат прогласени за технолошки вишок. Владата, која управува со загубарот обезбеди средства за отпремнини и социјален пакет за вработените. Според владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, во целост биле прифатени барањата на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство.
За отпремнини има 65 милиони денари кои за една недела ќе бидат префрлени од Владата во ОХИС. Со 43 милиони денари пак ќе се обезбедува надоместокот кој вработените ќе го земаат од Агенцијата за вработување.
Според договореното, секој од вработените ќе земе отпремнина од околу 1400 евра, додека месечен надоместок од Агенцијата за вработување ќе земаат најмногу 18 месеци. Оваа понуда, сметаат од синдикатот е единствен излез за луѓетото кои две години немаат земено плата, а немаат ниту здравствено осигурување.
„Работниците сега контиунирано ќе земаат сини картони, и во периодот додека земаат паричен надоместок, а и потоа. Со тоа ќе бидат здравствено осигурани како и сите останати граѓани на Македонија“, посочи Пеце Ристески, претседател на Синдикатот .
Како што информираше директорот на ОХИС, Леко Ристевски, на работа ќе бидат вратени 65 луѓе кои ќе се грижат за обезбедување и одржување на компанијата.
Моменталниот долг на ОХИС е околу 20 милиони евра од кои долгот кон вработените изнесува околу пет милиони евра.Владата до сега не успеа да најде приватен инвеститор за ОХИС, и покрај тоа што објави 11 тендери за продажба на загубарот, нудејќи го и по цена од само 14.000 евра.
Според владиниот спикер Ѓорѓиев, допрва ќе се решава дали вработените во ОХИС ќе бидат дел од пакетот за продажба на фабриката на приватен инвеститор.
„Може да има различни варијанти, но секако дека за идните модалитети, во однос на тоа што ќе се случува со ОХИС, ќе бидат консултирани и синдикатите како претставници на вработените“, вели Ѓорѓиев.