VW е блиску до договор со американските власти за скандалот со дизел возилата
Објавено во: Свет 08 Јануари, 2017
Volkswagen и Министерството за правда на САД речиси стигнале до договор за решавање на граѓанските и кривичните предмети против германскиот автомобилски производител поради скандалот со манипулациите со штетни гасови на дизел возила, пренесоа светските медиуми .
Компанијата успеала да добие одобрение од американската Агенција за заштита на животната средина да поправи околу 70 илјади возила.
„Дизелгејт“ сепак ќе ја чини компанијата милијарди долари и губење на углед.
Само во САД трошоците околу скандалот може да достигнат 20 милијарди долари заедно со поправка на автомобили и 17,5 милијарди долари, кои групата се согласи да им ги плати на сопствениците на автомобили со изманипулирани мотори.
Успешниот договор во САД е од клучно значење за германскиот концерн за обнова на неговиот бизнис во земјата - клучен момент од неговите планови за раст на долг рок.
Volkswagen ќе треба да се согласи и на независна надворешна контрола, за да се осигура дека ги исполнува барањата на американските еколошки закони.
Портпаролот на компанијата во Германија засега одбива коментар.