Добивај вести на Viber
Изградбата на автопатот Миладиновци-Штип оди со планираната динамика. За пет месеци пробиени се 43% од вкупната должина на автопатот, кој треба драстично да го скрати патувањето од Скопје кон источна Македонија.
„Градежните работи се одвиваат одлично. За речиси пет месеци работа пробиени се 43 проценти од трасата на која во моментов работат 260 работници и 136 градежни машини. Кон крајот на август овие бројки ќе се дуплираат“, рече премиерот Никола Груевски кој денеска изврши увид на изградбата на автопатот „Гоце Делчев“.
Инвестицијата за овој автопат е 208 милиони евра, а изградбата треба да заврши за три години. Вкупната должина на автопатот е 47 километри, од кои 17 километри ќе гради подизведувачот „Бетон“, 10 километри главниот изведувач кинески „Синохидро“ и уште 20 километри вториот подизведувач „Гранит“.
Автопатот е предвидено да биде со ширина од 29 метри, со по две коловозни ленти во двата правци и една дополнителна лента за застанување. Долж автопатот ќе се изградат 8 натпатници и 5 потпатници, а помеѓу двата коловози ќе има и 4 метри заштитно зеленило и систем за зафаќање на атмосферски води од коловозот.