ЗАБРАНАТА ЗА СПОДЕЛУВАЊЕ НА НЕТФЛИКС СТИГНА ВО СОСЕДСТВОТО: За „екстра член“ дополнително се плаќа
Објавено во: Македонија 24 Јули, 2023
Нетфликс, популарната платформа за стриминг, одлучи да ја
прошири забраната за споделување на акаунти и во Србија. Оваа политика веќе е имплементирана во голем
број земји, вклучително и САД, Канада, Шпанија и Португалија, а сега се
применува на глобално ниво.
За корисниците од Србија тоа значи дека ќе мора да ги почитуваат истите правила кои важат во земјите каде што веќе е воведена забраната. Корисниците можат да користат туѓ акаунт само ако живеат (на истата локација) со сопственикот на акаунтот. Ако сакаат да гледаат содржини истовремено, домаќинството мора да биде претплатено на соодветниот план.
Netflix нуди три планови: Basic, Standard и Premium. Основниот план, кој чини 4,99 евра месечно, овозможува неограничено гледање филмови и серии и играње мобилни игри без реклами на еден поддржан уред. Слично, стандардниот план чини 7,99 евра месечно, но овозможува гледање на два уреди во исто време, додека Premium планот за 9,99 евра месечно обезбедува можност за гледање на четири уреди.
За да ги спроведе своите политики, Netflix користи различни методи, вклучувајќи следење на IP адреси, идентификациски броеви на уреди и Wi-Fi мрежи. Со оваа политика, Netflix ги ограничува своите претплатници да пристапуваат до услугата од она што се смета за примарна локација на секоја сметка.
Функцијата „Екстра член“, која му овозможува на сопственикот на акаунтот да додаде член кој не е во домаќинството за дополнителна месечна претплата, не е достапна во Србија поради намалените цени. Иако корисниците не беа задоволни од одлуката на Нетфликс да го забрани споделувањето лозинки, последниот финансиски извештај на најпопуларниот светски сервис за стриминг покажува дека тоа бил одличен деловен потег. Во вториот квартал од 2023 година, Нетфликс привлече 6 милиони нови претплатници.
ФОТО: EPA-EFE/NEIL HALL