Заев јавно проговори против изградбата на рудници
Објавено во: Македонија 07 Октомври, 2017
Премиерот Зоран Заев по прв пат директно и јасно проговори против изградбата на новите планирани рудници во Југоистикот на Македонија, конректно за рудникот за злато Иловица кој треба да го гради канадски рударски конзорциум поради грижите за негативни влијанија врз животната средина и опасноста врз земјоделието.
Лично јас и Владата сме против рудниците и ќе направиме се за да го заштитиме здравјето и животот на нашите граѓани. Рудникот во Иловица, ниту е еколошки организиран, ниту имаат геотекстил, а сакаат со цијанид да ја лужат рудата, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред жителите на Ново Село.
Тој рече дека ова во Македонија е недозволиво и ставот на владата бил логичен и јасен.
– Овој наш народ живеел со својата пот, со земјоделската мака и со својот труд. Ние ќе отвориме перспективи со она што е наш, овде ресурс, а нашиот ресурс е нашиот народ, убавото сонце што Господ ни го дал, плодното земјиште овде што го имаме и љубовта кон струмичкиот регион и Република Македонија. Затоа, благодарам на транспарентите, заедно сме со вас, за здравјето и за животот на нашите граѓани, рече Заев.