Заев: Продолжуваме заедно и одговорно напред
Објавено во: Македонија 05 Мај, 2019
Продолжуваме заедно и одговорно напред, патот е поплочен со успех, Македонија останува на своите стратешки цели, но пред се ова е победа на граѓаните и републиката, рече премиерот Зоран Заев од изборниот штаб на СДСМ кога веќе беше јасно дека владиниот кандидат Стево Пендаровски победува на претседателските избори.
- Имаме горд и одговорен народ со јасни демократски и про-европски определби. Северна Македонија покажа врвни демократски капацитети. Од денеска никој повеќе не може да застане на патот на прогресот и перспективите. Вечерва имаме и победа во Охрид, каде што Константин Георгиевски победи. Никола Андонов победи во Ново Село. Поразени се политиките на конфликти и немање став - рече Заев.
Најави дека наскоро Македонија ќе започне преговори со Европската унија и најави крај на поделбите.
- Ќе покажеме и како се достигнуваат економските рекорди. Ќе се учи за оваа успешна политичка пракса и граѓанска зрелост. На Европа и додаваме уште една вредност. Стево ќе биде достоинствен претставник на граѓаните на тој пат. Тој секогаш ќе биде објективен и критичен - наведе Заев.
Премиерот се заблагодари и на сите институции кои беа поврзани и учествуваа во изборниот процес.