Заев: СДСМ може да го сменат лидерот, но јас не седнувам повеќе на преговарачка маса
Заев ја искажа и својата загриженост, според информациите кои ги има, дека Груевски сака да ги одложи изборите.
Објавено во: Македонија 05 Октомври, 2016
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за Канал 77 изјави дека се надева дека власта нема да го укине СЈО или некој дел од законот за него, инаку во спротивност целиот бес на народот ќе се истури по улиците.
На прашањето, што доколку тоа се случи и Специјалното јавно обвинителство со одлука на Уставниот суд, во услови на распуштено Собрание, престане да постои, Заев е дециден дека нема да седне повеќе на преговарачката маса.
- Една работа треба да знаат, јас да седнам повторно на зелена маса, да преговарам за избори? Тоа нема да случи. Нека го промени СДСМ својот лидер ако треба, јас повеќе не седнувам. Имав трпение до небото, покажав нерви во целиот овој случај, вели Заев.
Заев ја искажа и својата загриженост, според информациите кои ги има, дека Груевски сака да ги одложи изборите.
- Сака избори заедно со локални, за да ја разводени темата и тоа да не бидат национални теми и да зборуваме за тротоарче, за уличка, за водовод, оти тој сите овие години е повеќе градоначалник отколку премиер, изјави Заев.