Загрижувачки резултати од тестирањето: Нов кластер во психијатриската болница во Демир Хисар
Објавено во: Македонија 15 Август, 2020
Дури 19 заболени имало на тестирањата на Ковид-19 во Психијатриската болница во Демир Хисар, откако една штитеничка почина како потврден позитивен случај.
Се претпоставува дека вирусот го пренел некој од вработените, каде што има двајца позитивни, од кои една медицинска сестра.
Во оваа волница има 300-тини штитеници и околу 250 вработени. Марјанче Стојановски, градоначалникот на Демир Хисар, потврди дека има нов кластер во општината.
„Најголем дел се пациенти, јас контактирам со директорката на болницата и тие постапуваат според насоките од Министерството за здравство со сите протоколи. Забранети се посети, одење на викенди и веруваме дека за кусо време ситуацијата ќе се стави под контрола“, изјави Стојановски.
Тестирани биле вкупно 58 пациенти, потврдија од Министерството за здравство. Во однос на возрасната група на заболените, еден пациент е на 27 годишна возраст, а останатите пациенти се на возраст од над 55 години.