30 Април, 2024
0.0379

ЗАКОН ЗА МИНИМАЛНА ПЛАТА: Газдите ќе добиваат субвенции за придонесите од по 1.200 денари, цела година нема да смеат да го отпуштат работникот

Објавено во: Економија 10 Февруари, 2022

Добивај вести на Viber

Владата ги скрои измените на Законот за минимална плата, со кои таа веќе од март ќе се искачи на 18.000 денари, и за кои им предлага на народните избраници да ги усвојат по скратена постапка.

Веќе за денеска законските измени се ставени како 15 точка на дневниот ред на 62-та собраниска седница. Претседателот Талат Џафери, како што информираат од Собранието, го добил предлог законот од Владата, и со него го дополнил дневниот ред на седницата.

Пред чпратениците ова законско решение ќе го бранат министерката за труд и социјала, Јована Тренчевска, како и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Како што е познато, со сегашниот Закон за минимална плата, е предвидено усогласувањето на платата да се прави со по една третина од порастот на просечната плата, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на БДП за претходната година. Министерот за труд и социјална политика, се вели во законот, по претходно мислење на Економско-социјалниот совет, ја објавува висината на минималната плата во бруто износ и тоа во март секоја година, а исплатата почнува да се применува од април тековната година. Со ваквото законско решение, минималната плата сега изнесува 22.146 денари во бруто износ, односно 15.229 денари во нето износ. 

„Со предлог законот за измени на Законот за минимална плата, ќе се предвиди нов начин на усогласување, како и финансиска помош за работодавачите, за периодот март-декември 2022 година“, се вели во предлог законот.

Од Владата објаснуваат дека во последниов период цените многу се зголемиле, а тоа неминовно мора да доведе и до раст, но и до соодветен модел на усогласување на платите.

„Имајќи предвид дека во изминатиот период има појава на пораст на цените на одделни  производи, кои се од  витално значење за работниците, а со тоа и на домаќинствата, и тоа има влијание и на нивниот животен стандард, се наметна потребата за обезбедување на соодветен модел на усогласување на висината на минималната плата, како и нејзино зголемување, од март 2022 година“, се вели во владиното образложение.

Владата, како што вчера објасни и самиот премиер Димитар Ковачевски, тврди дека со овие законски измени, покрај синдикатите, се согласиле и работодавачите.

Во нив се додава и дека зголемувањето на минималната плата ја наметнало потребата за обезбедување финансиска поддршка за работодавачите, што ќе предизвика исплата на средства од буџетот. 

Или, како што говорат владините математики, за спроведување на овој закон до крајот на годината ќе бидат потребни 15,3 милиони евра, односно 939.645.000 денари од Буџетот на земјава.

Во новиот закон се утврдува дека усогласувањето на минималната плата ќе се врши со по 50 отсто од порастот на просечната плата во земјава и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците на живот за претходната година.

Покрај тоа, се одредува дека утврдената висина на минимална плата не може да биде пониска од 57 отсто од висината на просечно исплатената плата за претходната година.

Во законските измени стои и дека просечниот износ на исплатената месечна нето плата за работник кој работи помалку од полното работно време, се пресметува сразмерно со бројот на одработените часови во месецот, како и дека во тој просечен износ не се пресметува додатокот на плата за прекувремена работа.

Инаку, како што предвидуваат и самите законски измени, исплатата на оваа зголемена минимална плата ќе почне од април, за платата за март оваа година. 

Она што е најбитно за газдите, е дека со законските измени за нив се предвидуваат субвенции, но само за делот на придонесите, за периодот од март до декември 2022.

Имено, со нов член се предвидува финансиска помош од Буџетот, која ќе биде наменета за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата, во износ од 1.197денари. Притоа, се дефинира дека оваа финансиска помош се обезбедува на работодавачите - за работниците на кои основната плата ќе им се исплати до нивото на бруто плата во износ од 26.422 денари.

Во законските измени е одредено и дека вакви субвенции на газдите ќе им се даваат само доколу се исполнат одредени услови, односно ако работодавачот има статус на активен обврзник, односно да не е во постапка на стечај или ликвидација, работникот за кој се обезбедува помошта да не е ослободен од плаќање на данок на личен доход или придонеси, како и работодавачот да ги има подмирено обврските за вработените по основ на плата, придонесите и даноците. Притоа, субвенцијата се зема по исплатата на платата за месецот за кој таа се обезбедува.

Работодавачот, во месечната пресметка што ја поднесува до Управата за јавни приходи, треба да ги означи вработените лица за кои бара помош. УЈП обработените податоци ги доставува до Министерството за труд и социјална политика, во рок од 30 дена по истекот на месецот за кој се бара субвенција, а таа се исплатува преку Министерството. 

Она што е интересно, е дека во предлог законските измени се предвидува и дека „за работникот за кој ќе се обезбеди финансиска помош, работодавачот него не може да го отпушти најмалку една година по добивање на помошта, а ако го отпушти има обврска да ги врати средствата, освен во случај на смрт на работникот, остварување на право на пензија и престанок на работниот однос по вина или воља  на работникот. Контрола врз сето ова ќе врши УЈП.

Со измените е предвидено и дека ваква финансиска помош не може да добие работодавач кој користи субвенционирање на придонеси за работници, согласно Законот за субвенционирање од 2019 година, како и работодавач кој користи субвенција преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување на работници, за периодот додека ја користи мерката. 

Инаку, со законските измени се утврдува дека висината на минимална плата во бруто износ за март 2022 година, заклучно со исплатата на платата за месец февруари 2023 година, да изнесува 26.422 денари, и овој износ ќе биде основа за усогласување на минималната плата во месец март 2023 година. Овој закон ќе влезе во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник“.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ПЕНЗИИТЕ СЕ НАМАЛУВААТ: Чешка ја зголемува старосната граница за пензионирање

ПЕНЗИИТЕ СЕ НАМАЛУВААТ: Чешка ја зголемува старосната граница за пензионирање

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ОБЈАВИ ПОДАТОЦИ: Колку изнесува јавниот долг?

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ОБЈАВИ ПОДАТОЦИ: Колку изнесува јавниот долг?

НЕВРАБОТЕНОСТ: Колку Германци се без работа?

НЕВРАБОТЕНОСТ: Колку Германци се без работа?

ШТО ЈА ПАДНА ИНДУСТРИЈАТА ВО МАРТ, „ПОТОНА“ ЗА НАД 10 ОТСТО - најголем минус во снабдувањето со струја и гас

ШТО ЈА ПАДНА ИНДУСТРИЈАТА ВО МАРТ, „ПОТОНА“ ЗА НАД 10 ОТСТО - најголем минус во снабдувањето со струја и гас

ЦЕЛ ПРОФИТ ОД БЛИЗУ ШЕСТ МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ОДИ ЗА ПОКРИВАЊЕ НА СТАРИ ЗАГУБИ - во „Макстил“ ќе има и промени, а еве за што се работи

ЦЕЛ ПРОФИТ ОД БЛИЗУ ШЕСТ МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ОДИ ЗА ПОКРИВАЊЕ НА СТАРИ ЗАГУБИ - во „Макстил“ ќе има и промени, а еве за што се работи

ЦЕЛИОТ СВЕТ СВРТЕН КОН ЗЛАТОТО: Најбезбедна инвестиција

ЦЕЛИОТ СВЕТ СВРТЕН КОН ЗЛАТОТО: Најбезбедна инвестиција

Вработените на ФЗО излегоа на протест

Вработените на ФЗО излегоа на протест

КОИ СЕ СКРОМНИТЕ АКЦИОНЕРИ КОИ ЌЕ ЈА ЧУВААТ И РЕИНВЕСТИРААТ ЛАНСКАТА ДОБИВКА ОД ДВА МИЛИОНИ ЕВРА - еве колкава дивиденда ќе дели „Фершпед“

КОИ СЕ СКРОМНИТЕ АКЦИОНЕРИ КОИ ЌЕ ЈА ЧУВААТ И РЕИНВЕСТИРААТ ЛАНСКАТА ДОБИВКА ОД ДВА МИЛИОНИ ЕВРА - еве колкава дивиденда ќе дели „Фершпед“

ЌЕ ИМА ЛИ ДОБАР БИЗНИС: Кој ќе го снабдува Чаир со парно греење?

ЌЕ ИМА ЛИ ДОБАР БИЗНИС: Кој ќе го снабдува Чаир со парно греење?