Заразата се шири, а граѓаните планираат викенд во Охрид, Маврово и Дојран
Објавено во: Македонија 03 Јуни, 2020
По сознанија дека некои од хотелите ќе ги отворат вратите за гостите, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, уште синоќа излегоа на терен и поднесоа пријави, како и предупредувања до соптвениците дека ќе се соочат со многу високи казни доколку имаат посета пред да се донесе одлуката за отворање на туристичките капацитети во земјава.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, за Фактор изјави дека инспекторатот е постојано на терен и дека се обидуваат да спречат секакво нелегално работење.
-Хотелите, хостелите, мотелите, ниту еден од ваквите туристички капацитети се уште не се во функција. Се уште не смеат да ги отворат вратите за гостите, според последната одлука на Владата тоа треба да се случи на 15 јуни, но ќе видиме. Со глед на новонастанатата ситуација, со секојдневно зголемување на бројот на заразените ќе видиме дали тоа ќе се реализира. Неколку од хотелите кои објавија на Фејсбук дека ги отвораат вратите за претстаојниот продолжени викенд, синоќа беа посетени од нашите инспектори и тие сигурно нема да работат. Но, Државниот пазарен инспекторат нема надлежност, ингеренции во приватните сместувачки капацитети, кои се регистрирани на физички лица. Затоа, имаме тесна соработка со полицијата, која на наше барање може да интервенира и кај физичките лица, вели Пауновски за Фактор.
Инаку, според информации на Фактор, огромен број од приватните сместувачки капацитети во Маврово, Охрид и Дојран се резервирани, граѓаните планираат продолжениот викенд да го поминат надвор од Скопје.
А.Б.