Жбогар ја охрабрува Владата да продолжи по патот на реформите
Објавено во: Македонија 17 Ноември, 2017
Eвроамбасадорот Самуел Жбогар денеска изјави дека ЕУ гледа со оптимизам во напорите кои ги прави Владата и во однос на реформите и на проблемот кој го има Грција.
Вели дека реформите што ги очекувале во земјата почнуваат да се спроведуваат и ја охрабруваат Владата да продолжи по овој пат.
„Во следните месеци ќе ја претставиме визијата за регионот во следните години и децении преку стратегискиот документ за Западен Балкан што претседателот на ЕК Јункер го најави за февруари. Очекуваме од Владата и институциите да покажат посветеност и резултати поврзани со реформите. Доколку овие две визии и активности се преклопуваат се надеваме дека ќе видиме добри резултати следната година“ - изјави Жбогар.
За тоа дали меѓународната заедница да изврши притисок врз Грција за влез на Македонија во НАТО под привремената референца, амбасадорот истакна дека секогаш е подобро прашањата да се решаваат преку дијалог на задоволство на двете страни.