Здруженија бараат легализација на марихуаната во Македонија
Објавено во: Македонија 19 Октомври, 2020
Измените на Законот за опојни дроги, кој е во собраниска процедура, да ја вклучат и декриминализираат употребата и поседувањето на канабисот за лична употреба, упатија денешен апел здруженијата за легализирање на марихуаната.
„Јас одговорно ви тврдам дека повеќето од луѓето кои ги носат законите кај нас веќе користат канабис. Се случувало полицаец кој користи канабис да ме апси за канабис, тоа мора да престане. Властодршците мора да знаат дека марихуана во Македонија се користи, и тоа на ангро“, порача Филип Достовски од „Зелена алтернатива“.
Драгана Дрндаревска од „Коалиција Маргини“ вели дека без ова законско решение ќе продолжи, како што вели таа, кршењето на правата на оние на кои им е потребно за лична употреба, додека други ќе го извезуваат и ќе заработуваат милиони.
„Се прави голема неправда, спротивно е на принципот на владеење на право една група на луѓе која има доволно средства да го произведува и извезува да прави профит, а друга да оди во затвор“, порача Дрндаревска.
И Огнен Узуновски од „Операција Ослободување“ додаде дека канабисот треба конечно да биде исфрлен од негативниот контекст.