Добивај вести на Viber
Вчерашното водење и носење на одлуки на Советот на општина Центар е правен преседан. Ниту во Република Македонија, ниту во меѓународни рамки не постои можност за донесување на било какви акти, вклучително и одлуки и други прописи без мнозинство гласови, односно со еднаков број гласови “за” и “против”, без разлика дали притоа еден или повеќе гласачи се изјасниле “воздржано”. Ова не е предвидено дури ни како исклучок. Нашиот правен систем, како и меѓународното право, познава акламативно гласање, квалификувано мнозинство, просто мнозинство, но секогаш актите, одлуките и другите прописи задолжително треба да бидат донесени со мнозинство гласови.
Со вчерашниот начин на работење, односно гласањето по точките од дневниот ред, Советот на општина Центар направи преседан и се вовлече во правен вакуум, смета градоначалникот Андреј Жерновски. Според него, гласањето за двата спорни ДУП- а, Тасино Чешмиче 1 и Водно- Капиштец, од кои едниот дозволува изградба на десеткатница на Водно, со 11 гласа “за”, 11 гласа “против” и 1 глас “воздржан” , не обезбедува мнозинство за донесување на законски легитимни одлуки, што е спротивно на одредбите од Деловникот на Советот на општина Центар , Статутот на општина Центар, Законот за локална самоуправа, а со тоа и со Уставот на Република Македонија.
„Општина Центар и градоначалникот на општина Центар, како орган на општината избран на непосредни избори, постапувале и секогаш ќе постапуваат согласно позитивните законски прописи и во функција на нивна доследна и конзистентна примена ќе продолжат да ги користат сите расположливи законски надлежности и инструменти за утврдување на законитоста и легитимитетот на оспорените одлуки и одлуките од вчерашното гласање. Согласно Законот за локална самоуправа за ова ќе биде известен и надлежниот орган за вршење надзор над законитоста на прописите на општината, односно Министерството за локална самоуправа и ќе поведат иницијатива за утврдување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки и одлуките од вчерашното гласање пред Уставниот суд на Република Македонија“, најавуваат од Кабинетот на Жерновски.