Добивај вести на Viber
В петок пред советниците во општина Центар повторно ќе се најдат деталните урбанистички планови Тасино чешмиче, Капиштец-Водно, Мал Ринг, најави градоначалникот Андреј Жерновски.
Според него, плановите се на дневен ред на предлог на советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои повторно ќе се обидат да ги протуркаат. Како што рече, според неговото политичко искуство, „штом советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги предлага плановите, тоа значи дека е можно да имаат и мнозинство“.
Тој не сакаше да прецизира кој од советничката група на СДСМ и коалицијата ќе гласа за урбанистичките планови, за ВМРО-ДПМНЕ да го обезбеди потребното мнозинство.
Утрински весник денеска објави дека претседавачот со Советот на општина Центар Мирослав Шиповиќ, кој до неодамна беше во притвор за случајот „Машинопромет“, рекол оти е изморен и истрошен и физички и психички.
Сепак, тој не потврдува дека ќе се изјасни за плановите кои ќе значат продолжување на проектот Скопје 2014 во Центар.
„Јас сум против Скопје 2014 и така и ќе остане. Но, за некои теми ќе проценам со каков став ќе излезам“, рекол Шиповиќ за
НОВА.
Запрашан директно дали очекува токму претседавачот на Советот да му заврти грб на гласањето в петок, Жерновски вели дека „оној што ќе гласа за овој план в петок го поддржува криминалот“ и дека „по гласањето ќе биде појасно дали власта имала план кога го уапсила и пуштила Шиповиќ“.