Жерновски: За мене ДУП-овите остануваат нелигитимни, незаконски и противуставни!
Објавено во: Македонија 21 Август, 2014
Градоначалникот на Општина Центар - Скопје, Андреј Жерновски на денешната прес конференција за медиумите ги презентираше преземените чекори за натамошно постапување во однос на претходно оспорените одлуки за спорните ДУП-ови, донесени на 23-тата седница на Советот на Општина Центар - Скопје.
Притоа, Жерновски истакна дека вчера до Уставниот суд на Република Македонија, поднел Иницијатива за поведување постапка за утврдување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки за спорните ДУП-ови, во која, предлага, Уставниот суд, да ги поништи истите.
Во текот на вчерашниот ден тој упатил и известување до Министерот за локална самоуправа, со барање за запирање на оспорените одлуки.
Како што нагласува Жерновски, за него, за стручната јавност, како и за Министерот за локална самоуправа, оспорените одлуки за спорните ДУП-ови остануваат нелегитимни, незаконски, противуставни и ништовни.
Во таа смисла, градоначалникот Жерновски смета дека аргументите се на негова страна, на страна на Општината, но што е и најважно, на страна на граѓаните на Општина Центар - Скопје.
Како потврда на ова, Жерновски, извести дека има информации според кои, граѓаните се подготвуваат да поднесат поединечни иницијативи до Уставниот суд на Република Македонија за оспорените одлуки за спорните ДУП-ови, согласно Уставот на Република Македонија и Деловникот на Уставниот суд.