Добивај вести на Viber
Јавното сообраќајно претпријатие - Скопје денеска организираше демонстрација за да покаже дека жичницата на Водно е апсолутно безбедна и во невреме. По последниот инцидент, во кој среде невреме, жичницата запре заради прекин на струја, при што 50-тина граѓани беа заробени 15 минути во кабините, од ЈСП смируваат - причина за паника и во овој случај нема.
Од ЈСП денеска за новинарите организираа симулација на настанот низ кој поминаа патниците во неделата. „Почитувани патници. Ве молиме останете смирени. Имаше прекин на електрична енергија. За кратко време жичницата ќе продолжи да функционира на помошниот погон“, вработените на ЈСП преку разглас ги известија „заробените“ во кабините на жичницата „Милениумски крст“.
За 10-тина минути потоа, патниците успешно беа евакуирани и спуштени на земја. Но, во неделата ситуацијата не била толку смирена - дождот и силното невреме со грмотевици предизвикале паника кај заробените граѓани. Дел од нив не биле информирани дали се безбедни во кабините за време на невремето, проследено со силен ветер.
„Имаме соработка со Хидрометеоролошки завод, од кој добиваме секојдневна временска прогноза. Најавите од Заводот беа дека ќе има локални нестабилности, но не очекувавме невреме. Ние прекинавме со качување на патници, но невремето ги зафати патниците што веќе беа во кабините. Една минута горе мислите дека трае вечност. Затоа се направи паника“, вели Борис Ивановски, оперативен директор на жичницата „Милениумски крст“.
Надлежните ги увруваат дека во ниту еден момент не биле во опасност.
„Се придржуваме на сите стандарди на австрискиот производителот ’Допелмаер’, која е присутна во 88 земји и е самиот врв во производството на жичници и ски-лифтови. Поради сопствениот имиџ даваат посебно внимание на безбедноста. Во случај на дефект или прекин на електричната енергија се користиме дизел агрегат со хидро пумпа и хидро мотор. Функционира само еден. Сите европски и светски стандарди се вградуваат со еден агрегат“, додава Ивановски.
Во случај на ЈСП да им откаже и агрегатот, тогаш се откачува редукторот и погонското тркало, т.е. има синџир кој се откачува и по инерција се спуштаат кабините со патниците. Последната опција за извекување е со спасувачка екипа од Црвен крст.