29 Март, 2024
0.0252

Проценката на вредност на еден бизнис е точна колку што се точни претпоставките на кои се темели истата?

Објавено во: Колумни 18 Јануари, 2022

Добивај вести на Viber

Во оваа колумна одговарам на уште неколку клучни прашања во однос на работата на приватните инвестициски фондови.

Како се проценува вредноста на бизнисите и соодветно на тоа големината на уделот во кој се инвестира?

Проценка на вредноста на одредена компанија може да се направи на повеќе начини. Најчесто користени се следниве:

·  Дисконтиран паричен тек (Discounted Cash Flow – DCF). DCF методата се базира на концептот дека една компанија вреди толку колку што може да генерира слободни пари кои би се дистрибуирале кон инвеститорите/сопствениците. Кај оваа метода се врши проектирање (прогноза) на идните слободни парични текови кои ќе ги генерира компанијата и истите се дисконтираат за да се доведат на сегашна вредност. Проектирањето на идните слободни парични текови се базира на одредени претпоставки за тоа како ќе работи компанијата во иднина, па проценетата вредност на компанијата е тесно поврзана со тоа колку се добри и реални претпоставките. Многу е важно да се користи и правилната дисконтна стапка, со која идните парични текови се сведуваат на сегашна вредност. Најдобро е да се користи дисконтна стапка која се добива од т.н. WACC (Weighted Average Cost of Capital) кој се добива преку соодветно пондерирање/усреднување на цената/трошокот на сопственичкиот капитал на компанијата (Cost of Equity) и цената/трошокот на кредитното финансирање на компанијата (Cost of Debt). Цената/трошокот на кредитното финансирање на компанијата се одредува релативно едноставно, но одредувањето на цената/трошокот на сопственичкиот капитал на компанијата бара малку повеќе знаење, заради тоа што треба да се земат повеќе фактори во предвид. Еден начин, кој е многу распространет во финансискиот свет, е пресметка на цената/трошокот на сопственичкиот капитал според CAPM (Capital Asset Pricing Model). На повисоко развиените пазари на капитал, CAPM релативно лесно се пресметува, но во неразвиените пазари (како нашиот), малку потешко се доаѓа до податоците потребни за пресметка на CAPM, па се користат одредени апроксимации. Во пресметките е потребно да се вклучи како фактор и премијата за ризик карактеристична за нашиот пазар/земја (пр. Damodaran).

·  Нето сегашна вредност прилагодена за ризикот (Risk adjusted NPV). Кај оваа метода, исто како кај DCF методата се врши проектирање на идни слободни парични текови, со тоа што тие се корегираат за ризикот поврзан со веројатноста тие да се остварат.

·  Метода на Venture Capital. Кај оваа метода се тргнува од крајот, односно од тоа по која цена инвеститорот би „излегол“ од инвестицијата во иднина (по 3-7 години). Од тука се калкулира колкава е вредноста на компанијата во моментов, водејќи сметка при тоа за времето и ризикот кој го превзема инвеститорот. На тој начин се одредува колку за инвеститорот вреди компанијата денес и колку средства треба да вложи за кој процент на учество во сопственоста на компанијата, имајќи го на ум очекуваниот поврат на инвестицијата.

·  Споредување на пазарни мултипликатори (Market comparables). Се прават споредби со податоци и пазарна капитализација на компании кои се котирани на берзи, при што се води сметка за индустријата, големината на фирмите и географијата каде се наоѓаат компаниите кои се споредуваат (треба да бидат слични/споредливи со компанијата која се разгледува). Добиените мултипликатори се аплицираат на податоците од  компанијата која се разгледува и се добива некоја претпоставена вредност.

·  Споредување на трансакции (Comparable transactions). Слично како кај претходната метода, се бараат податоци за вредноста на споредливи/слични компании кои биле вклучени или во неодамнешна зделка за купопродажба или пак биле предмет на рунда на дополнително финансирање. Така добиените мултипликатори се аплицираат на податоците од  компанијата која се разгледува и се добива некоја претпоставена вредност.

·  Книговодствена и ликвидациона вредност (Book value & Liquidation value). Во одредени индустрии, пазарната вредност се поклопува (или е обично многу блиску) до книговодствената вредност на капиталот на компанијата, па таа се користи како ориентација за пазарната вредност на компанијата. Ликвидациона вредност е претпоставената вредност на имотот и средствата на компанијата кои би се добиле во случај на ликвидација на компанијата и продажба на истите, намаленa за обврските на компанијата.   

Треба да се напомене дека ниту една метода нема да ја даде точната вредност на одредена компанија. Овие алатки треба да послужат да се добие ориентационата вредност на компанијата, за која може да разговараат заинтересираните страни (сопствениците и инвеститорите). За да се добие поточна вредност на одредена компанија, се користат повеќе методи, па добиените проценети вредности се споредуваат (усреднуваат, комбинираат). Одредувањето на вредноста на една компанија е повеќе уметност, отколку наука, бидејќи една иста компанија може да вреди различно за различни инвеститори, во зависност од тоа кои се идните планови на инвеститорите со таа компанија.

DCF методата се смета дека дава најточни резултати, бидејќи опфаќа многу сегменти од работата на компанијата и се применува концептот на временска вредност на парите, преку аплицирање на соодветна дисконтна стапка. Но, како што е погоре кажано, клучот на точноста на оваа метода лежи во претпоставките на кои се базираат прогнозите/проекциите за слободните парични текови кои се очекува во иднина да ги генерира компанијата. За да се направат добри прогнози/проекции, треба да се имаат пошироки познавања од областа на финансиите, стратегијата, маркетингот, технологијата итн. односно за да се направат поточни проекции треба да се навлезе длабоко во начинот на работа на компанијата, какви се нејзините приходи, трошоци, профитни маржи, каква е индустријата во која работи, која е технологијата која ја користи, каков е пазарот и конкуренцијата, со кои добавувачи работи, итн. Сите овие информации треба да бидат собрани во текот на процесот на due diligence во кој се добиваат податоци од компанијата, но воедно се вршат анализи и на пазарот и на индустријата, за да може да се види што е реално остварливо На пример претпоставка дека некоја компанија ќе генерира приходи кои ги надминуваат приходите на сите играчи во индустријата заедно, не е добра претпоставка.

Во СПМГ Цапитал, фонд менаџмент компанијата со која управувам, како и во СЕАФ, се користи комбинација од неколку од погоре наведените методологии за одредување на вредноста на компаниите каде се инвестира и/или од кои се излегува, при што главна улога секако има DCF методата. Во зависност од околностите може да се преферира една или друга метода која се чини најсоодветна во тој момент за дадена компанија. Како и да е, сите овие методи даваат ориентациона вредност на одредена компанија и значително ги олеснуваат преговорите меѓу заинтересираните страни, бидејќи ја даваат рамката во која се движи таа вредност. Крајниот резултат за вредноста на една компанија е предмет на преговори и договор помеѓу заинтересираните страни.

Кај инвестициските фондови, успехот се мери преку остварениот поврат на инвестициите, односно IRR (Internal Rate of Return), како и преку степенот со кој се оплодени инвестираните средства, MOIC (Multiple of Invested Capital).  До склучување на зделка со инвестициски фонд се доаѓа доколку проценетата вредност на компанијата во моментов, ќе му овозможи на инвеститорот (според негова проценка) да го оствари очекуваниот поврат на инвестицијата во иднина, и доколку таа вредност се поклопи (или е блиску) до очекувањата на партнерот. Во спротивно, шансите за постигнување договор се мали. Во VC и PE индустријата постојат начини на кои може да се надминат проблемите во преговорите поврзани со различно вреднување на една компанија, но и тоа не може да се користи доколку разликите се огромни. Затоа, претприемачите треба да бидат реални кога влегуваат во преговори со потенцијални инвеститори, и нивната проценка за вредноста на компанијата да биде базирана на соодветни аргументи. Треба секогаш да имаат на ум дека инвестициските фондови користеле најмалку една од горе-наведените методологии да ја проценат вредноста на компанијата во која планираат да инвестираат и дека ќе настапат во преговорите со соодветни аргументи за својот став.

На кои принципи инвестира приватниот фонд МИФ со кој управувате во моментот?

По својот карактер, MIF е нетипичен PE фонд кој има развојна компонента. Идејата е да се инвестира во ММСП кои имаат потенцијал за брз раст, со цел да пораснат компаниите и да се креираат повеќе работни места. MIF инвестира средства во максимален износ од ЕУР 85.000 по проект (што повеќе личи на инвестиција од VC фонд кој инвестира во некоја ceed фаза), при што превзема малцински удел во сопственоста на компанијата во која инвестира. Самите инвестиции имаат т.н. мезанин структури, што значи дека се комбинација од инвестирање во сопственички капитал (докапитализација преку equity вложување) и заем, за кој не се бара „тврд“ колатерал (заем со придружен ризик).

MIF e т.н. industry§or agnostic, што значи дека не преферира одредени индустрии и сектори, туку е отворен за сите компании од сите индустрии и сектори кои ги исполнуваат критериумите за инвестирање наведени подолу. Компаниите кои се предмет од интерес за инвестиција од фондот, обично ги имаат следниве карактеристики: 

·  реален потенцијал за брз раст и развој

·  потенцијал/атрактивност на индустријата во која е активна компанијата

·  конкурентска предност и профитабилност на производот/услугата

·  добар менаџерски тим, со интегритет

·  успешна историја

Не постои стандардна понуда (тип на инвестиција), туку секоја инвестиција се структуира посебно на начин кој сметаме дека најмногу соодветствува на потребите на компанијата која се разгледува. Откако ќе се обезбедат сите податоци за потребните анализи, MIF ја структуира инвестицијата и ги започнува преговорите за инвестирање во компанијата. Од голема важност за структурата на инвестицијата е финансискиот модел (проекции и прогнози за финансиското работење на компанијата во иднина) кој тимот на СПМГ Цапитал го подготвува во соработка со компанијата. Тој модел дава ориентациони податоци за актуелната вредност на компанијата која се разгледува и што може да се очекува како поврат од инвестицијата. Реалноста на проекциите/прогнозите и влијанието врз очекуваниот поврат на инвестицијата се проверуваат и преку различни сценарија и преку т.н. анализа на сензитивност, па во зависност од резултатите се оценува дали инвестицијата е интересна за фондот или не е. 

Во принцип, од интерес за MIF се инвестиции кои овозможуваат да се генерира IRR од над 20 отсто. 

MIF досега има реализирано 10 инвестиции, во македонски ММСП во различни индустрии: производство на храна (здрава, органска), рециклирање на отпадна пластика и стакло, ИТ услуги и образование, итн.

Повеќе информации и можност за аплицирање за инвестиција од МИФ на www.spmg.com.mk .  

Дејан Калиников, управител на менаџер на СПМГ, друштво кое управува со единствениот активен приватен инвестициски фонд во Македонија – МИФ (Micro Investment Fund) за перспективите за развој на VC и PE во Македонија


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?