15 Декември, 2025
0.0482

САД и Украина речиси се договорија – на ред е Русија!

Објавено во: Колумни 24 Ноември, 2025 08:17

Добивај вести на Viber

Украина е сардисана. Од Русија на фронтот,, од САД со планот за преговори, а од Европа за продолжување на отпорот против Русија. Но не помалку, таа е пред „револуција“ и од внатре. Корупционата афера „Миндич“ го потресе украинскиот врв. Претседателот Владимир Зеленски, мораше минативе денови да ја свика својата парламентарна група, која има мнозинство во Радата, и да и каже дека нема оставки ниту од потенцијалните учесници во аферата, неговата десна рака, Андреј Јермак, ниту од секретарот на Советот за безбедност, Рустам Умеров. Се’ во интерес на единството на земјата, Па ги прати на преговори со Американците во Женева. Работите ќе бидат замрзнати до одговорот на планот на американскиот претседател, Доналд Трамп, за мир во Украина. Одговорот треба да биде даден до четврток, како што побара Трамп, до Денот на благодарноста. Иако, во меѓуреме, Трамп даде можност рокот да се продолжи.

Трамп вчера се јави на својата социјална мрежа и ја обвини Европа дека и натаму ја „финансира“ Русија и дека не е благодарна, ниту пак Украина. Трамп го критикуваше раководството на Украина и Европа, очигледно за отпор кон неговиот мировен план. Тој користеше наводници кога се осврна на украинските „лидери“. „Украинските „лидери“ не изразија никаква благодарност за нашите напори, додека Европа продолжува да купува нафта од Русија“, изјави американскиот претседател. Објавата дојде во време на разговорите во Женева меѓу САД и Украина на кои се дискутирше за планот на Трамп. Киев и европските земји сакаат да го променат планот, но ако го сторат тоа, постои голема веројатност Москва да го отфрли. Европа одговори со свој план за мир во Украина, а Зеленски, по критиката, на социјалните мрежи неколку пати се заблагодари на Трамп и на американскиот народ.

Во јавноста станува се појасно дека и украинските и европските лидери знаеле за планот на Трамп уште од крајот на октомври. А кога тој беше објавен минатата недела глумеа како да се паднати од небо. Можеби не го очекувале неговото брзо објавување. Зеленски изјави дека „мора да се избира меѓу достоинството и најголемиот сојузник“. Европа пак, се јави со контра план од 24 или 28 точки, како што објавија „Ројтерс“ и „Дејли телеграф“. План кој е речиси сосема спротивен од оној на Трамп, околу деликатните точки.

ИМПЕРАТОРОТ ТРАМП

Како и да е вчера во Женева се сретнаа американската и украинската делегација. На дневен ред планот на Трамп. Марко Рубио, државниот секретар на САД, рече дека не видел никаков план од Европа. Давајќи до знаење дека во преден план е американскиот. По завршувањето на средбата во Женева и најавеното продолжување на консултациите меѓу САД и Украина, Трамп на неговата социјална мрежа постираше генерирана со ВИ илустрација, која го преставува како император во златна одора, седнат на трон на чиј врв е американскиот белоглав орел, а во подножјето, кај неговите нозе, на колена се три личности. Медиумите сметаат дека тие наликуваат на британскиот премиер Кир Стармер, шефицата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен и канцеларот, на Германија, Фрдирих Мерц. Под илустрацијата стои натпис, „Никој нема да ја избегне неговата правда“. Трамп и се’ е можно. Но, илустрацијата, сигурно, не е направена случајно.

Сега треба да го чекаме резултатот од преговорите во Женева, кои продолжуваат. Од него ќе зависи и натамошниот тек на работите. Украина, Зеленски, засега се определи за сојузникот, а ако може и да сочува некакво достоинство. Колку и како ќе сака Европа да се замеша во сето ова ќе видиме после четврток или некој ден подоцна, кога работите ќе станат појасни. Европа, од устата на нејзини политичари, постојано велеше дека Украина треба да се поддржува до победа над Русија. Но кога почна да се зборува за мир, ја смени плочата, но сепак не се ослободува од наративот дека Русија на некој начин треба да биде поразена.

Како и да е Европа треба да биде консултирана, па и НАТО. Бидејќи Трампи и за нив предвидува улоги во неговиот план. Во смисла на безбедноста на Украина, на Европа и на Русија. Овде треба да се има предвид дека главната улога, сепак ќе ја имаат САД. Тие се главни во НАТО, а Европа си дозволи да биде потчинета, па Трамп сега ја црта падната на колена под неговите нозе. Ќе видиме каква ќе биде креативноста на Европа за да ја избегне таквата позиција. Трамп, таков, каков што е, може за 24 часа да го смени односот кон неа, па и да и’ даде значење во целата оваа работа.

По средбата во Женева од Белиот дом дојде соопштение во кое се вели дека на средбата се разработени „обновени и подобрени рамки за мировна спогодба“. Заедничката позиција на Вашингтон и на Киев е дека било кои натамошни договори треба да го поддржуваат суверенитетот на Украина и „да обезбедуваат стабилен и праведен мир“. Украинската страна потврдила дека во текот на средбата внимателно се разгледани сите основни проблеми, гаранциите за безбедност, долгорочниот економски развој, заштитата на инфраструктурата, слободата на морепловството и политичкиот суверенитет. Украинските претставници изразиле признателност за „структурниот приод, кој овозможил да се води сметка за нивните забелешки во секој дел од основите за новото решение.

САД ГАРАНТИ

Според соопштението на Белиот дом, украинската страна смета дека сегашниот нацрт-мировен план ги одразува националните интереси на Украина и обезбедува „надежни и остварливи механизми за обезбедување на безбедноста на Украина, како во блиска, така и во далечна перспектива“. Се додава дека „Тие(Украинците) нагласиле дека засилената архитектура на гаранциите за безбедност, заедно со обврските за ненапаѓање, енергетската стабилност и реконструкцијата во голем степен одговара на нивните основни стратешки барања“. Изразена е благодарност до Трамп и САД  за напорите за решавање на конфликтот, а наредниве денови работата ќе продолжи врз заедничките предлози, ќе продолжат контактите и со „трети страни, со европските партнери. „Конечно решение ќе го донесат претседателите на САД и на Украина“, а „двете страни ја потврдиле готовноста за заедничка работа за воспоставување мир, кој ќе осигура безбедност, стабилност и обнова на Украина“, се вели, меѓу другото, во соопштението на Белиот дом.

Дипломатскиот јазик е многу суптилен. Од соопштението на Белиот дом може да се заклучи дека САД и Украина речиси го усогласиле мировниот план. Дека САД ќе бидат гарант на безбедноста на Украина, дека ќе учествуваат во нејзината обнова, ќе го гарантираат морепловството, дека ќе ја штитат нејзината инфраструктура, ќе учествуваат во економскиот развој, ќе го поддржат нејзиниот политички суверенитет... И контактите со „трети страни“, со европските партнери  Што значи дека на некој начин и Европа ќе биде вклучена во целата оваа работа.. Но овде не е спомнат територијалниот интегритет на Украина. Најтешкото прашање за неа. Веројатно тоа ќе биде прашањето кое ќе треба да го решат Трамп и Зеленски.

Вестите од Женева, покажуваат дека Трамп бил искрен кога рече деновиве дека неговиот план „ не е конечна понуда“. А само ден два пред тоа беше цврст на ставот дека до овој четврток Зеленски мора да него да го прифати. Очигледно Трамп прво втерува „страв до коски“, за потоа да го добие она што го намислил. Топката е на ваше поле, па треба да одиграте, како да вели Трамп. И нормално во таква ситуација неговиот противник ќе мора да биде внимателен, како ќе одигра. Најчесто според неговите очекувања. Сега, според државниот секретар Марко Рубио, конечниот договорен предлог меѓу Украина и САД, ќе треба да се даде на Русите „бидејќи и тие се дел од равенката“.

ЧИЈ Е ПЛАНОТ?

Рускиот претседател, Владимир Путин, во петокот на седницата на Советот за безбедност на Русија изјави дека американскиот план може да биде ставен во основата за конечниот мировен договор, но тој текст, на планот, „во моментов со Русија не се разгледува“. Тој смета дека американската администрација очигледно не успева да се усогласи со Киев, бидејќи Украина и европските сојузници имаат илузија и мечтаат да и нанесат на Русија „победа на боиштето“. Ова оттаму што тие немаат објективна информација за реалната ситуација на военото поле. И покрај воената офанзива, Путин вели дека „Русија, како што изјавуввла и порано, подготвена е за мировни преговори, кои бараат конкретно разгледување на сите детали од предложениот план“.

Минатото покажа дека Трамп знае да се налути,. Ако не му се оди по волја. Се лутеше на Зеленски, па на Путин , па пак на Зеленски, па пак на Путин. Па велеше „да ги оставиме уште малку нека војуваат“. Но сега очигледно станува збор за подолго време подготвуван план. Се шпекулира дека во основа тој е руски, па се анализира англискиот јазик на текстот за да се утврди дали тој е преведен од руски, па полскиот премиер, Доналд Туск, гласно  бара да се каже кој стои зад планот и слични небулози. Кои ги потврди и Рубио кога соопшти дека над планот во САД се работело подолго време, имајќи ги предвид ставовите и на Русија и на Украина. Сега се знае дека во неговата подготовка, во завршницата, на одреден начин учествувале и секретарот на СБ на Украина Умеров и специјалниот пратеник на Путин за САД, Кирил Димитриев. Тие биле консултирани.

Многу е битно каков ќе биде усогласениот план меѓу САД и Украина. Ако биде променет многу може да се случи Русија да не го прифати. Тоа што најмногу го посакува Киев и на Европа. Тогаш целата лутина на Трамп ќе падне врз Путин. Овде има една, се’ уште непотврдена  верзија, дека зад планот стојат Трамп и неговиот кинески колега Шји Џинпинг. Наводно, на нивната средба во Јужна Кореја тие  се договориле да ги „притиснат“ Русија и Украина. Ако се има предвид планот од 10 точки на Кина и на Бразил за мир во Украина некои од нив можат да се најдат и во планот на Трамп. На пример за отстранување на првопричините за војната во Украина. А тоа е ширењето на НАТО. Или пак, прекин на огнот на линијата на разграничување. И за териториите под руска контрола. За денес е најавен телефонски разговор на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со Путин. Неизбежна тема Украина. Она што Катар беше за Газа, Ердоган да биде за Украина.

НОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК

Што и да се случи, впечаток е дека почнуваат да се оцртуваат линиите на новиот светски поредок. Да не заборавиме дека САД веќе подолго  време водат информативна и пропагандна војна против Венецуела со постојана закана од инвазија. Под мотото „борба со нарко-трговците“. Некои експерти тврдат дека САД ќе се свртат кон Латинска Америка, како нивна сфера од интерес. Дека ќе ја остават Европа сама да се избори за место во новиот поредок.

А Украина? Таа, доколку има мировен план, прво ќе мора да си ги среди работите дома. Веќе има најави  и закани за Зеленски доколку потпише мировен план. Особено со отстапување територии.  Заканите доаѓаат и од војската. Не помал проблем е и скандалот со корупцијата, кој само ги забрза работите околу мировниот договор. Рејтингот за Зеленски е катастрофален во однос од пред само некој месец. Па евентуалните избори, пропишани во планот можат да доведат го големи промени во земјата. Но од друга страна, населението, според анкети, се повеќе сака мир, преговори за него. На тој бран Зеленси може да очекува некаква поддршка. Неделава работите ќе станат појасни. Најдобро би било да се даде некаков знак за ставање крај на војната. Еден депутат во украинскиот парламент вчера излезе со тврдење дека во војната досега загинале над 500 илјади Украинци, а уште толку биле ранети. Во февруари годинава Зеленски тврдеше дека бројот на загинати е околу 48 илјади. Бројката од милион настрадани во војната западни извори ја кажуваат и за Русија. Што загинати, што ранети. BBC  во соработка со организацијата „Медијазона“, пишува за над 140 илјади загинати руски војници, потврдени од нивни извори. За Украина таква евиденција не е водена.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Што ќе и испорачаат Европа, Украина и САД на Русија?

Што ќе и испорачаат Европа, Украина и САД на Русија?

Пари, моќ и одговорност - Mакедонската приказна за фискална децентрализација

Пари, моќ и одговорност - Mакедонската приказна за фискална децентрализација

Америка се ослободува од обврските

Америка се ослободува од обврските