Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?
Објавено во: Колумни 28 Ноември, 2025 08:01
Автор: Филип Ачкоски, м-р по фармација, д-р по бизнис администрација, извршен директор во фармацевтска индустрија, медицински писател и здравствен едукатор со повеќе од 20 години искуство на пазарите во Југоисточна Европа. ТопЕдукатор.
Кога
ќе се каже „најпродавани лекови во светот“, првата асоцијација најчесто е –
фармацевтски гиганти, милијарди долари и сложени молекули.
Но, од фармакоекономски аспект, овие лекови се огледало на приоритетите на
најбогатите здравствени системи:
· за кои болести се подготвени да платат најмногу,
· каква вредност (во години живот и квалитет на живот) добиваат за тие пари,
· и каде малите земји како Македонија реално можат – или не можат – да парираат.
Топ 10 најпродавани лекови во светот (2024 – глобално)Што ни кажува оваа табела?
Што ни кажува оваа табела?
· Онкологијата, особено имуно-онкологијата, е апсолутен шампион по трошоци.
· Антитромботиците и антидијабетиците (особено GLP-1 и GIP/GLP-1) се „новите блокбастер“ области.
· Автоимуни и хронични воспалителни болести (псоријаза, IBD, астма) се третираат со биолошки и таргетирани терапии со висока цена, но и висока додадена вредност.
Каде е Македонија во целава приказна?
За жал пристапот до иновативните блокбастери е ограничен или селективен, а половина од лековите воопшто не се регистрирани кај нас или имаат симболична продажба.
Дел од имуно-онколошките лекови (како Keytruda, Opdivo) се присутни во системот, но обично со строги индикации, конзилијарни одлуки и лимитиран буџет.
Многу од најпродаваните биолошки лекови (за псоријаза, IBD, астма) се достапни, но не за сите пациенти кои би имале корист – туку за „најтешките случаи“.
GLP-1 и GIP/GLP-1 револуцијата (Ozempic, Mounjaro) – кај нас е „луксуз“
Во развиените системи, овие лекови стануваат стандард за дијабетес, а сè повеќе и за третман на дебелина.
Кај нас, тие најчесто се ограничени поради цена и не влегуваат во широка рефундација – пациентите или плаќаат приватно, или воопшто немаат пристап.
ХИВ, цистична фиброза, ретки болести
Лекови како Biktarvy и Trikafta/Kaftrio отвораат сосема ново ниво на квалитет на живот кај пациенти во богатите системи.
Во Македонија се прават напори за ретки болести, но обемот и брзината не може да се споредат со земји кои имаат десеткратно поголем здравствен буџет по жител.
Со
други зборови:
технички Македонија има достап до дел од овие молекули, но практично –
пристапот е ограничен, доцни и често зависи од „случај по случај“, а не од
системски фармакоекономски модел.
Фармакоекономијата во македонската реалност
Клучното прашање за држава како Македонија не е:
„Како да ги купиме сите врвни лекови од табелата?“
Туку:
„Како со ограничен буџет да купиме најмногу здравје по евро – и кога има смисла да инвестираме во ваков тип скапи иновации?“
Тоа значи:
· Да се користат HTA (Health Technology Assessment) и фармакоекономски модели (QALY, ICER) за да се одлучи кој иновативен лек навистина носи доволна вредност за да биде рефундиран.
· Да се преговара со компаниите за value-based и outcome-based договори: лекот да се плаќа според резултат, не само според количина.
· Да се користат биосимилари и квалитетни генерики за другите боилести, со цел да се ослободат средства – а тие пари да се пренасочат кон неколку внимателно избрани врвни терапии од „топ 10“ или слично ниво.
Што значат овие здравствени трендови за економијата и бизнисот?
За економистите и менаџерите, оваа листа е:
· сигнал каде оди глобалниот здравствен трошок – онкологија, хронични воспалителни заболувања, метаболни болести;
· предупредување дека ако државата не инвестира во превенција и рано лекување, утре ќе мора да купува скапи биолошки и таргетирани терапии за пациенти во напредни стадиуми;
· можност за фармацевтскиот и биотех секторот во регионот да се позиционира – преку клинички студии, производство на генерики и биосимилари, регионални партнерства.
На
крајот, болен пациент не произведува БДП.
Ако сакаме раст, мора да прифатиме дека фармакоекономијата не е „луксузна
анализа“, туку основен алат за фискална и здравствена стабилност.
Светот плаќа десетици милијарди за лекови кои:
· го продолжуваат животот за неколку години,
· го подобруваат квалитетот на живот на хронично болните,
· и ја трансформираат прогнозата на болести кои порано биле смртни.
Македонија, пак, сè уште се бори со:
· основен пристап до дијагностика,
· недоволна превенција,
· ограничена рефундација дури и на „старите“ иновативни терапии.
Додека другите земји се натпреваруваат кој повеќе ќе инвестира во здравје, ние не смееме да останеме во „економијата на евтиното“, која на долг рок излегува – најскапа.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
Пари, моќ и одговорност - Mакедонската приказна за фискална децентрализација




