100.000 дози од кинеската вакцина во скопските поликлиники: Разговор со д-р. Исјановски, директор на Здравствен дом-Скопје
Објавено во: Македонија 10 Февруари, 2021
Со оглед на
фактот што здравствените власти забрзано ги прават сите подготовки околу
стартот на вакциналниот процес против Ковид-19, вакцините кои треба да
пристигнат од кинескиот производител Синофарм, најверојатно ќе ги дочекаме до
крајот на неделава. Точната дата е сè уште тајна во
јавноста, но сите останати подготовки детално се презентирани од страна на
здравствените власти. Во разговор за Фактор, директорот на Здравствен дом-Скопје,
д-р. Виктор Исјановски вели дека половина од кинеските вакцини, односно 100.000
ќе бидат дистрибуирани во скопските поликлиники каде ќе се врши имунизацијата
на населението против Ковид-19.
-Во Скопје е концентриран најголемиот дел од популацијата, затоа и е за очекување тука да бидат дистрибуирани половина од 200.000 вакцини кои ќе пристигнат од Кина во Македонија. Значи стартот на вакциналниот процес, како што веќе е утврдено и кажано во јавноста е токму со вакцината од компанијата „Синофарм“, а Здравствен дом-Скопје ќе има носечка улога во имунизацијата на населението. Од понеделник до сабота, значи шест дена, во три поликлиники, односно во „Јане Сандански“, „Букурешт“ и во „Чаир“ ќе се работи во две смени, и таму ќе бидат лоцирани по три вакцинални пунктови. Или поконкретно кажано, во 10 минути ќе бидат вакцинирани по 6 граѓани. Во останатите четири поликлиники, „Ѓорче Петров“, „Идадија“, „Ченто“ и „Бит Пазар“ имунизацијата против Ковид-19 ќе се спроведува од 13.30 часот, односно во една смена, бидејќи таму во утринските часови треба да се аплицираат и останатите вакцини кои ги примаат децата од претшколска и школска возраст, потенцира д-р. Исјановски во нашиот разговор.
Тој вели дека за аплицирање на вакцината од Фајзер/Бионтек, дел од здравствените работници кои ќе ја вршат вакцинацијата поминале обука зошто станува збор за поспецифична вакцина.
-Тие обуки се веќе завршени. Имаме искусни тимови сèсо цел да се обезбеди безбедно и ефикасно имунизирање на нашите граѓани. Кинеската вакцина, како што веќе знаете, е класична вакцина, наполнети шприцеви за секој поединец. За фајзеровата, која има и многу поспецифичен начин на чување, се чува во фрижидери на -70, дел од тимовите кои ќе ги аплицираат, мораа да поминат одредена обука, истакнува д-р. Исјановски.
Тоа што посебно го потенцира е дека уште по примањето на првата доза, на секој од граѓаните му се издава картонче во кое ќе бидат впишани сите податоци за пациентот, како и датумот кога треба да ја прими втората доза од вакцината.
-Процесот на вакцинација штом почне, ќе се одвива непречено. Оние кои ќе ја примат првата доза, веднаш ќе бидат регистрирани со точен датум за да дојдат на ревакцинација. Ова всушност значи дека нема да се случи за некого да нема втора доза. Очекуваме во секој момент да ги добиеме картончињата во кои лекарот ќе ги запише податосците на секој оној кој ја примил првата доза. По примањето на втората доза ќе бидат издавани посебни сертификати кои се во подготовка во Министерството за здравство, истакнува директорот на Здравствен дом-Скопје.
Д-р. Исјановски очекува зголемен интерес за вакцинација, особено во мај, пред годишните одмори и особено ако нашиот јужен сосед, односно Грција вакцинацијата против Ковид-19 ја постави како услов за влез во земјата.
-Сметам дека ќе има голем интерес за оваа вакцина. Како пример би го посочил медицинскиот кадар токму од Здравствен дом-Скопје. Ние сме тука 850 здравствени работници, а веќе повеќе од половината изразија желба да ја примат вакцината. Во случај нагло да се зголеми интересот, ние сме подготвени и имаме доволно медицински кадар, а би се отвориле и дополнителни вакцинални пунктови во поликлиниките, вели д-р. Исјановски.
Инаку, од денеска започнува и електонското закажување за вакцинација. На страницата kovid19vakcinacija.mk може да се регистрира секој граѓанин кој сака да ја прими вакцината против корона вирусот. Повозрасните лица и оние со хронични заболувања, закажувањата треба да ги направат во консултација со нивните матични лекари, и тие ќе бидат регистрирани преку системот МојТермин. Засега нема опција да се избере која вакцина сака да ја прими одреден граѓанин бидејќи имунизацијата на почетоков ќе се спорведува само со вакцината од Синофарм.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.