01 Мај, 2024
0.0249

15 години Путин: Слабите ги тепаат!

Објавено во: Колумни 08 Мај, 2015

Добивај вести на Viber

Рускиот претседател Владимир Путин 15 години, со еден прекин, е на чело на Руската Федерација. На 31 декември 1999 година болниот претседател Борис Елцин со декрет го назанчи за негов „наследник“, а овој му врати со усвојвање закон, според кој државата нема да води никакви кривични гонења кон него и кон членовите на неговото семејство. По некој месец се одржаа избори на кои Путин победи со поддршка, отворена или прикриена, од олигарси. Путин на претседателската функција беше инаугуриран на 7 мај 2000 година. И така почна неговото формално и неформално владеење со Русија еве веќе 15 години. Путин може да се прикаже секако, но никако како еднозначна фигура. Во него се измешани сите нијанси на боите на руските и советските владетели-деспоти. Од некои од нив е и одушевен. На пример, од Сталин. Тој тоа и не го крие. Според оние кои поблиску го знаат и тоа поодамна, тој никогаш не го криел својот антиамериканизам и носталгијата по Советскиот Сојуз. И се сметал за патриот, кој се што прави е на полза на неговата земја. Од она што може да се прочита за Путин тешко е да се најде кога тој станува таков патриот. Неодамна на Запад, во Германија, пишуваа дека пресвртот настанал во моментот кога разузнавачот Владимир Путин, кон крајот на осумдесеттите години се сретнал очи во очи со толпата во Дрезден, која го опкружила зданието во кое се наоѓал Путин и кога тој успел неа да ја одврати да влезе внатре. Тој, според германските автори, тогаш конечно сватил каде и како ќе треба да го води својот живот во иднина. Лично за мене ова тврдење не е многу прифатливо, бидејќи карактерот на човекот се формира уште од помлади години. А Путин во Дрезден, кога бил тој настан бил на возраст од неполни 40 години. Целосно формиран како личност, со правно образование, плус школа на КГБ, и идеологизиран. Сметам дека главна водилка во животот на Путин е сознанието дека „Слабих бијут“ (слабите ги тепаат), стекнато уште во детските денови во двориштата на зградите на тогашниот Ленинград. Јадењето ќотек од маалските деца се врежува во памтењето на секој човек. Единствениот одговор на ќотекот е да направиш се да не те тепаат. А тоа значи да не бидеш послаб, току појак од маалските мангупи. Школата на улицата Путин ја има совладано ногу добро. Таа му е влезена во потствеста и го следи ден денес. Путин, односно Русија, мора да се силни да не ги тепаат. Токму така почна претседателскиот мандат на Путин. Русија под Елцин беше претворена во земја која како да нема иднина. Економски пропаѓаше. Постојано се задолжуваше на Запад. Народот осиромашуваше, либералите не успеваа да спроведат успешно економски реформи. Приватизацијата создаде нов слој – олигарси, речиси сите поранешни успешни комсомолски раководители. Војската не знаеше што да прави со себе. Стотици илјади војници и офицери беа повлечени од некогашните советски републики и од тогашна Источна Германија. Немаше каде да живеат. Американците не ја есапеа Русија, бидејќи беа полни со себе, сметајќи дека ја добија „Студената војна“. Народот беше се понезадоволен. „Фамилијата“ управуваше со државата, Чеченија вриеше и лесно можеше да се случи нов Октомври. Во една реченица - Русија беше на колена. И во таков момент дојде Путин. Претходно како премиер, тој водеше воена кампања во Чеченија, која ја заврши успешно. Уште тогаш тој се наметна како силен и решителен човек. Како да му беше цел да ја крене државата на нозе. И постепено почна да го прави тоа.Цел му беше и да ја врати некогашната слава на Руската или Советската империја. Постено тоа му успеваше, а потврда за тоа беа податоците од истражувањата дека тој ја има поддршката од над 80 проценти од населението. Тие години ја почна борбата со олигарсите. Некои ги стави во затвор, Михаил Ходорковски, некои од страв за себе избегаа во странство, Борис Бересовски и Владимир Гусински...Народот му даваше подршка за тоа, бидејќи олигарсите ги сметаше како најголемо зло што му се случило и како крадци на државата. Токму тогаш Путин почна да го става темелот на своето популистичко и авторитарно владеење. Првите поголеми демонстрации во 2005 година го уплашија, па попушти за некои барања на демонстрантите, но оттогаш демонстрациите во Русија се сосечуваат во корен. Било да не се дозволуваат или пак со апсења демонстранти и изрекување високои казни за наводен напад на службени лица и сл. Но и покрај ова Ходорковски од затвор во 2004 година напиша: Да, Путин не е либерал, ниту демократ – но сепак тој е полиберален и подемократ од 70 проценти од населението во нашата земја. Ако ова е така, тогаш тоа е поразително за рускиот народ.Тогаш тој и не заслужува да биде воден од некој друг, освен од Путин или некој нему сличен. Можеби е во право режисерот Станисов Говорухин кој се кандидраше на изборите за претседател во 2000 година, кога по нивното завршување изјави: Путин својата победа ја должи на ропската психлогија на народот-покажи му го нему новиот цар, тој и за него ќе гласа“. За изминатите 15 години Путин ја преобрзи Русија во секој поглед. Економските достигнувања ги признаваат сите и надвор од Русија и дома. Има непобитни факти за тоа. Стандардот на населението е подобрен, демографијата, има повеќе новородени од умрени, продолжен е животниот век на населението,армијата е се посилна... Можеби за американскиот претседател Барак Обама, Русија е регионална сила, но не го делат сите тоа мислање, а најмалку Путин. Тој доминира последниве години на светскта политичка сцена. Видни медиуми го прогласуваат за личност на годината или највлијателна личност во светот. Го нарекуваат цар. А нему сето тоа му годи и му ја храни суетата, потиснувајќи го „комплексот“ дека слабите ги тепаат. Но, преобразбата на Русија не беше цеосна. Од демократијата, која, каква, таква, ја имаше во времето на Борис Елци, не остана ни „Д“. Денес имаме авторитарна Русија, водена од друга група олигарси. Овој пат од таканаречените другари на Путин од службата. Ако во времето на Елцин главни беа луѓето од Москва, сега тоа се оние од Сан Петербург, сите земјаци на Путин. Корупцијата во такви услови доминира. Сите обиди да се направи некој опозиција пропаѓаат во вода, бидејќи таа е следена на секој чекор и поребен е најмал повод некој од неа да се најде на суд. Речиси нема слободен медиум во земјата. Оние кои беа опозиционо настроени економски се уништени или се уништуваат. Можеше ли сето ова да се спречи и Русија паралелно со другите достигнувања во изминатите годинаи да има и демократски раст? Во својот прв мандат Путин како да беше сојузник на Запад, па дури и се зборуваше за влез на Русија во ЕУ и НАТО. Дали тогаш Запад не го дооцени Путин и продолжи да се однесува „победнички“ во поглед на неа? Да го омекне анти американизмот кај него. Путин им подаде рака на САД по 11 септември 2001 година во борбата против тероризмот. Но за жал работите не се променија, туку со текот на времето се влошија, па денес ја имаме и Украина и медиумски војни и закани со нуклеарно оружје и економски санкции. Стегнат НАТО пакт, кој како дане знаеше што да прави со себе. Практично враќање на она што беше пред крајот на „Студената војна“. За крај еден цитат од една опозициона личност, која многу добро го знае Путин. „Путин може да се сака или да не се сака, но не може да не се признае, дека тој е силен политичар,кој е многу доследен во своите дејства. И мене, ми се чини, тоа го издвојува од мнозинството денешни политичари во Русија“. Би додал, и во светот. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД