53 семејства добија ваучери за новороденчиња од Општина Кисела Вода
Објавено во: Мои пари 26 Октомври, 2013
Ваучери на 53 семејства денеска додели градоначалничката на Општина Кисела Вода Билјана Беличанец – Алексиќод кои имаат принова и притоа доставија комплетна документација за еднократна парича помош.
- Со мерката што Општина Кисела Вода првпат ја применува од оваа година, искрено се надевам дека ќе дадеме скромен поттик и стимул за семејствата сериозно да размислуваат и да се одлучат за зголемување на бројот на дечиња, рече Беличанец – Алексиќ.
Таа ги повика сите родители кои ги исполнуваат критериумите заедно со барањето да достават лична карта или друг документ за лична идентификација, извод од матична книга на родените за новороденчето, како и фотокопија од трансакциска сметка. Рокот за поднесување на барањата е 90 дена од моментот на раѓање на детето.
- Сакам да испратам јасна порака дека Општина Кисела Вода се грижи, и понатаму ќе продолжи да се грижи за своите најмали жители. Овој проект во Програмата од социјалната сфера на Општина Кисела Вода ќе се запази се до крајот на истекот на мојот мандат, најави градоначалничката Беличанец - Алексиќ.
Денешното доделување на ваучерите е четврто досега, по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода за доделување еднократна парична помош во износ од 6.000 денари, на секое семејство од општината со принова, која започна да се применува од 20.06.2013 година.