Добивај вести на Viber
На еден ден пред почетокот на дигитализација на телевизискиот сигнал во земјава, од Агенцијата за електронски комуникации посочија дека сите граѓаните ќе можат да пријават евентуални проблеми на бесплатниот телефонски број 190 во контакт центарот на АЕК. Центарот ќе работи и во текот на викендот за да може да се следи процесот на преминување од аналогниот на дигитален сигнал, велат од АЕК.
Одговарајќи на пратеничко прашање денеска во Собранието, министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски посочи граѓаните не мора да склучуваат договор со операторот ОНЕ поради дигитализацијата, а сите кои гледаат телевизија преку кабелски оператори нема потреба да купуваат дигитален приемник или сет-ап-бокс.
Сепак ако граѓаните имаат посовремени телевизори, а не се приклучени на кабловска телевизија ќе можат да ја следат програмата на националните телевизии.
До овој момент, на дигиталната платформа на ОНЕ се поврзани сите национални телевизии и дел од регионалните телевизии. Останатите регионални телевизии ќе бидат приклучени на дигиталната платформа, како ги исполнуваат техничките услови, информираат од команијата
ОНЕ апелираше до граѓаните кои досега ја следеле телевизиската програма аналогно со антена, доколку досега не набавиле дигитален приемник, истото да го сторат до 1 јуни за да можат да ги следат програмите дигитално.
Од ОНЕ додаваат и дека ако телевизорот е од постар модел и не е предвиден за прием на DVB-T содржини, а корисникот не следи програма преку некоја платена платформа(кабеска телевизија), задолжително, треба да набави дигитален ТВ приемник. За дигитален прием потребна е и приемна ТВ антена, по можност надворешна.