АХВ демантира - Нема увоз на месо старо три децении
Објавено во: Македонија 18 Ноември, 2016
Македонските купувачи може да бидат мирни бидејќи не е увезено месо старо 34 години кое претходно се тврдеше дека пристигнало од Црна Гора, а било дел од резервите на НАТО. Тоа го поврди Зоран Поповски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, откако добил уверение од своите црногорски колеги.
- Месото, подготовките и преработките од месо кои се продаваат во Македонија се безбедни, без оглед дали станува збор за производи од домашно производство или од увоз. Увозот се врши исклучиво од одобрени земји и објекти, задолжително проследени со ветеринарно здравствен сертификат кој ја гарантира безбедноста на пратката, а инспекциските служби на граничните премини вршат задолжителна контрола. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се врши и физички преглед на пратките, а при сомнеж се земаат и мостри за лабораториско испитување. За ваквите пратки не се дозволува увоз во земјава. Тие се ставаат под надзор додека не се добијат резултатите од направените лабораториски анализи со кои се потврдува нивната безбедност, нагласи АХВ.
Исто така се апелира да не се шири паника преку пренесување на непотврдени информации од порталите во регионот бидејќи се вршат строги контроли и проверки на увозот.