19 Април, 2024
0.0291

Аирлија, наместо унитарна и мултикултурна, добивме бинационална држава

Објавено во: Колумни 16 Март, 2018

Добивај вести на Viber

И тоа се случи, на блеф, мимо парламентарните процедури, на мускули се донесе и законот за употреба на јазиците. Работите сериозно тргнаа низ брдо, некако без контрола, а до каде, е на тоа прашање не верувам дека има некој разумен што може да даде прецизен одговор. Можеби Република Македонија е пред нова политичка криза, но овој пат, многу посериозна, многу подлабока и за жал криза која конечно ќе ги поларизира и ќе ги подели граѓаните по сите линии.

Само за потсетување, знаете или сте слушнале за односот на партиите од албанскиот блок при конституирањето на првиот парламентарен состав во независна Република Македонија; што се случи во 1997 година во Гостивар и зошто; што се се случуваше околу нелегалниот т. н. Речански универзитет; следеше вооружениот судар на безбедносните структури на земјата во 2001 година со терористите кои по некое чудо станаа борци за човекови слободи и права и станаа пратеници во парламентот; дојде Охридскит рамковен договор, кој амандмански стана дел од Уставот на државата; нелогични политички пазарења околу организацијата на локалната самоуправа; потоа неуспешен обид да се направи попис на сите починати и исселени албанци и нивниот број да се додаде на живите во државата; предизборна политичка платформа на партиите од албанскиот блок во земјава; приоритетно, пред реформските закони на џиљкошки начин се изгласа и законот за двојазичност...што би рекле, чекор по чекор, се остваруваат зацртаните цели од Призренската лига во 1878 година.

Конечно јасно е дека не градиме мултикултурно, туку бинационално општество, а врв на отсуството на државнички капацитет е законот со кој Република Македонија станува двојазнична касаба, точно поделена и прецизно обележана со линии исцртани со албански знамиња, почнувајќи од тоа најголемото во Зајас кај гробницата на терористите од 2001 година, завршувајќи со оние наденати на колчиња, обесени на жици и џамии низ Струшките, Кичевските, Гостиварските, Тетовските и Кумановските села.
Со изгласувањето на Законот за употреба на јазиците, се испорачува цената кон албанските политички субјекти во земјава за поддршката што ја дадоа на СДСМ, но за жал тоа е едно од ретките ветувања кои до сега позицијата успеа да ги реализира. Не е јасно зошто законот се носеше со европско знаменце кога не постои ниту еден основ за нешто такво, можеби одговор има пратеникот координатор Тунтев, кој обично за се има одговор, макар и не рационален, ама одговор има. Дали на пратениците што гласаа за тој закон не им е јасно дека со тоа што го сторија, го срушија темелот на унитарноста на Република Македонија и визијата прокламирана во Крушевскиот манифест?!
Изгласаа дека во рамките на македонската држава постои и друг доминантен (?!) народ, народ кој говори друг јазик - потврдено; територија на која тој народ живее (онаа околчената со албански знамиња низ републикава) - потврдено; и недостига она последното, локалците да се договорат и завртат грб на централната власт, исход - трета албанска држава на балканот.

Пратениците што гласаа за двојазична држава можеби не биле сконцетрирани; можеби ги скокнале уроците за државата и владеењето на правото; или можеби некој друг од внатре или од надвор ги влече конците, а марионети, сполај му на бога се купуваат, пазарењето е полесната работа.

Истите тие што гласаа за законот, како македонски граѓани, како ли се чувствуваат кога патуваат по западната магистрала, минувајќи низ шпалир од знамиња на друга држава?!
Никогаш не пречеле културните, спортските, научните собири и манифестации, без разлика на која национална, верска или партиска заедница припаѓаат граѓаните, без разлика на нивниот полов или социјален статус. Но тоа што вистински пречи, тоа што вистински вознемирува, се перманентните провокации со катадневното истакнување на албанското знаме и таму каде што не му е место, а сега дополнително, суштинското менување на граѓанскиот, мултикултурен и унитарен карактер на државата.
Мултикултурализам не е мафтање со знамиња на туѓи држави, тој пред се треба да е културен натпревар меѓу различните етнички заедници и форма на зближување меѓу нив, а јазикот е оној врзувачки елемент во секоја држава.

Иритираат и прашањата што веројатно се вовед во некоја следна етапа од реализацијата на целите од Призренската лига - колкав е процентот на застапеност на албанците во државната и јавната администрација, колкав е процентот на албанци што се на раководни функци, колкав процент од буџетот се троши на албанците и албанската култура и сето тоа без да се постави суштинското прашање, колку се ефикасни и ефективни во тоа што го работат тие кадри, за потоа да си ги постават и оние обични, формални прашања - зошто не дозволија регуларен попис; од каде и од кои средства се школуваат; од кои средства користат социјална помош; од кои земаат пензии; од кои се лекуваат; од кои земаат субвенции; од кои средства западниот дел од земјата има значително подобра сообраќајна инфраструктура...но затоа никогаш и никаде на јавните настапи на тие што ги поставуваат тие, такви глупави прашања, нема знаме, нема симбол на државата во која живеат, а ги користат сите права кои со Уставот и законите се гарантирани на сите граѓани на Република Македонија, а целта е да се поттикнат и подготват локалците да завртат грб на централната власт, дури тогаш конечно Призренската лига ќе стане реалност.

За вистински соживот, треба да се знае дека буџетот се креира за потребите на граѓаните на Република Македонија, за капитални инвестиции и проекти од национален интерес, за инфраструктурни проекти кои ќе ги подобрат условите и перформансите за побрз економски развој на цела земја, и за ниту една етничка заедница посебно во земјата.
Дали некој од пратениците што го изгласаа законот за двојазична Македонија, се прашаа како ќе биде запишао во графата за јазикот кој се говори во државата?! Ќе стои Албански и Македонски јазик (по азбучен редослед)?! Се прашаа ли, следствено на тоа, која кованица може да се изроди за името на државата и народот што живее во неа?! Дали ваквиот потег не го урнисува и прашањето на идентитетот на македонците и тоа токму сега кога интензивно се преговара со Грција за името?!
Збогувањето со унитарноста на Република Македонија, беше проследено со насилие, што на целата таа фарса дава и друга димензија, но за тоа во некоја друга прилика, бидејќи и блефот со глумењето патриотизам не поминува кај јавноста, особено не што од поодамна е познато дека станува збор за лоши актери.
Се додека извршната во скут си ги думка законодавната и судската власт, ниту ќе имаме институции, а на пат сме да ја загубиме и територијалната целовитост на државата, особено што извршната и законодавната власт немаат капацитет да ги дефинираат државните и национални приоритети, а уште помалку истите и да ги реализираат.
Сето тоа е спој на нечиј примитивен национализам, неукост, уцена заради можноста да се загуби парламентарното мнозинство или досетливост на "експертите" од надвор, од една, и на отсуство на државотворен сенс кај избраните, кај тие со сина крв, од друга страна. Зарем некој мисли дека тоа, на тие што не се дел од албанската етничка заедница, а особено на македонците не им ја повредува националната гордост, не им го доведува во прашање вековниот идентитет и името на јазикот кој го говориме?!
Државата има своја цена. Тие што не ја знаат нејзината цена, тие што не се подготвени да ги одбранат и заштитат унитарните обележја на државата во која и самите се родени и во неа живеат, едноставно не заслужуваат да ја водат.

Јаков Дренковски на времето испеа една песна во која се пееше за илузиите, за шарените лаги за сечии вкус, за амброзијата за душата ваша...но и за знамињата кои се помалку ни значат...веројатно сме тука некаде, навикнувајќи се да живееме со лажни ветувања и надеж, во илузии, навикнувајќи ги очите на туѓи знамиња во сопствената земја, а веројатно сме блиску и до промена на името на јазикот што е или што уште малку ќе биде службе, а до сега го викавме и знаевме како македонски јазик.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок